Охрид, 16. септември 2021 (ОХРИДПРЕС) – Во објектите на детската градинка „Јасна Ристеска“ нема позитивни случаи на COVID-19 ниту меѓу вработените, ниту меѓу децата.
Директорката Мери Рилкова во изјава за Супер радио и OhridPress информира дека само една воспитувачка е во изолација која е вакцинирана. Персоналот покажа свест и совест за сопственото и здравјето на децата, па речиси сите се вакцинирани.
– Само неколку се невакцинирани од здравствени причини. Моментално една воспитувачка е во изолација, вакцинирана, но бидејќи претходно беше на боледување групата не е во изолација. Засега за дете немаме податок дека е позитивно, истакна Рилкова.
Во однос на бројката на деца, во овој период доаѓаат околу 600 дечиња, а запишани речиси 900. Во овој период, до крајот на септември децата не се пуштаат заедно, туку етапно со цел да се адаптираат.
Согласно протоколите, во групите за деца од 2-6 години може да се згрижат до 25, а во јасли, односно од 0-2 години до 15 дечиња во група. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес