Скопје, 17. септември 2021 (ОХРИДПРЕС) – Се планира од октомври во угостителските објекти, во трговките центри и на настани на затворено да се дозволи влез само за целосно вакцинираните, со две дози, наместо како досега кога е доволна и потврда за една примена доза, истакна министерот за здравство Венко Филипче.
– Една од мерките што сигурно ќе се препорача е потребата да се прикаже сертификат за целосно вакцинирани граѓани, за разлика од сега кога е дозволен влез во угостителски објекти и на настани на затворено и со потврда за една примена доза. Тоа ќе се направи за да се зголеми интерсот за имунизација. Ќе дадеме време, најверојатно тоа ќе важи од месец октомври, рече Филипче.
Тој информира дека периодов се бележи плато на вирусот со речиси ист број новозаболени на дневна основа.
– Важно е граѓаните да ја сфатат важноста на вакцинацијата, онаму каде има голем процент на вакцинирани, нема притисок врз болниците. На пример Охрид, Ресен, Кавадарци… нема притисок врз болнците. И тоа не е само кај нас, тоа е секаде во светот. Само со вакцинација ќе се смени сликата на пандемијата, истакна Филипче.
Најави дека се прави детална анализа од страна на епидемиолозите во Институтот за јавно здравје во однос на бројките на новозаболени, дистибуција по градови, возрасни групи и опфат со вакцинација што ќе послужи како еден од индикаторите да ли ќе се предложат нови мерки. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива