септември 27, 2021

Охрид, 27. септември 2021 (ОХРИДПРЕС) – Резултатите од нашата работа се видливи, постигнавме многу, но убеден сум дека можеме да постигнеме уште повеќе. Сега е време да продолжиме со остварување на нови цели, истакна на денешната прес конференција кандидатот за градоначалник на Охрид од СДСМ и коалицијата „Најдоброто за мојата општина“, Константин Георгиески.

Додаде дека да се бара мандат од охриѓани е голема одговорност. Затоа што Охрид е повеќе од само обичен град, Охрид е светско наследство и национална гордост, рече Георгиески.

– Успеавме да ја оствариме нашата најважна мисија, а тоа е реализација на процесот на раздолжување на општината, со што исполнивме едно големо ветување со кое бевме обврзани пред вас. Водени од вашата доверба и поддршка, заедно со вас, со мојот тим цврсто чекориме по патот на промените. Горди сме што успеавме да започнеме една нова ера на поголема свесност и тоа што како генерација покажавме дека умееме да ја искористиме историската шанса за да го зачуваме богатството што ни е оставено во аманет, истакна Георгиески.

Нема достапен опис

Ги издвои капиталните инвестиции за реконструкција на важни градски сообраќајници и реализираните проекти во сите основни и средни училишта во насока на подигнување на нивото на воспитно образовниот процес. Ја истакна посветеноста во исполнување на препораките на УНЕСКО, што ќе продолжи со уште посилно темпо и во наредниот период.

Потенцира дека предизборната програма е втемелена на потребите на граѓаните и реални визии. Врз основа на приоритетните потреби на заедницата за претстојниот мандат најави нови и квалитетни решенија, проекти за подобра инфраструктура, урбано планирање, заштита на животната средина, современ туризам, побрз локален економски развој и социјална сигурност за младите. Ајде да продолжиме заедно да го развиваме Охрид, да го направиме поскувано место за живеење и внимателно да ја чуваме неговата уникатна природа и историја, порача Георгиески. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука