Охрид, 28. септември 2021 (ОХРИДПРЕС) – Заклучно со 26-ти септември во Охрид прва доза вакцина против COVID-19 примиле 28.471 лица над 18 години, што е 63,9% од населението.
Според податоците од министерството за здравство со две дози се имунизирани 26.707 лица.
Како и на државно ниво и кај нас има намалување на интересот за вакцинација. Во периодот меѓу два извештаи, од 19-ти до 26-ти септември во Охрид со прва доза се вакцинирале 310 лица, а пак од 12-ти до 18-ти септември се имунизирале 377 граѓани.
Сепак, Охрид и натаму е на трето место на државо ниво, зад Неготино и Кавадарци, според опфатот на вакцинирано население. Во соседна Струга со прва доза се имунизирани 24.600 граѓанин или 44% над 18 години, а 22.078 примиле и втора доза.
Токму високиот процент на вакцинирано население придонесе во Охрид да нема притисок врз болничките капацитети. За време на третиот бран, пикот достигна и над 110 хоспитализирани пациенти и драстично зголемен број прегледи, но сега, во четвртиот бран бројките на пациенти кои се лекуваат во болнички услови се далеку помали. Што се однесува до новозаболени од COVID-19, во Охрид моментално има 515 активни случаи. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива