Охрид, 28. септември 2021 (ОХРИДПРЕС) – Создавање систем за јавен велосипедски превоз со изнајмување на велосипеди, современ еко превоз, подобрување на системот за контрола на движењето на возилата во стариот дел на градот, најави носителот на советничката листа на СДСМ и коалицијата „Најдоброто за мојата општина“, Науме Јованоски.
Тој се осврна и на реализираните и тековни инфраструктурни зафати во Охрид. Најави изградба и реконструкција на повеќе улици. СДСМ покажа дека реалиизра значајни проекти и неуморно работи за обезбедување на подобра иднина за Охрид, додаде Јованоски.
– За нас е особено важен и квалитетот на инфраструктурата што ја создаваме. Со нашите успеси на ова поле покажуваме дека сме суштински различни од претходниците. Предвидуваме изградба на улицата „Јордан Мијалков“, реконструкција на улиците „Партизанска“, „Димитар Влахов“, „7-ми ноември“, „Илинденска“, „Шар Планина“, „Галичица“ и многу други улици во сите делови на градот. Ќе инсталираме современ дигитален систем со смарт видео надзор за контрола на движењето на возилата и подобра функционалност на режимот на сообраќај во стариот дел на градот. Воведуваме нов современ еко превоз со набавка на еколошки електрични возила за транспорт на туристите и организирање на промотивни тури во стариот дел на градот, рече Јованоски.
Подвлече дека ќе останат посветени и ќе се инвестира во обезбедување подобри услови за туристички напредок и современ развој на Охрид. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес