Охрид, 29. септември 2021 (ОХРИДПРЕС) – Охрид, старото градско јадро и околните населби мора да се развиваат, но урбанизацијата мора да ги следи позитивните законски прописи, односно урбанизацијата мора да се спроведува на начин што нема да ги доведе во прашање заштитата на неговата архитектонска препознатливост и посебност признаени од УНЕСКО, порача на денешната прес конференција кандидатот за градоначалник на Охрид од редовите на ВМРО-ДПМНЕ д-р Кирил Пецаков.
– Сите активности во иднина мора да се спроведуваат согласно законската регулатива, за да не се случува неконтролирана урбанизација на градот. Во насока на правилна урбанизација гарантираме промени, проекти, победи. Пред охриѓани се обврзуваме на реконструкција на плоштадот „Крушевска република“ и реконструкција на плоштадот „Св. Климент Охридски“. Двата плоштади мора да добијат нов и модерен изглед, осветлување и канделабри, фонтана, клупи, канти за отпадоци и друга урбана опрема. Покрај нив имаме реконструирање на постоечките плоштади изградени во време кога со Локалната самоуправа раководеше ВМРО-ДПМНЕ. За жал, овие четири години власта ги остави плоштадите запустени и неосветлени. Од „проектите се во завршна фаза“, па „проектите се готови“ и „е аплицирано за одобрение“, сега гледаме едно големо ништо. Јавните површини мора да добијат современ лик каков што му доликува на Охрид како главен туристички и културен центар. Време е за промени, за проекти, за победи! Бројот 7 го гарантира тоа и гарантира светла иднина на Охрид. Да го заокружиме бројот 7 за нов Градоначалник и ново советничко мнозинство. 7 за победа уште во првиот круг на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Обнова на Македонија“, порача Пецаков. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива