септември 29, 2021

Охрид, 29. септември 2021 (ОХРИДПРЕС) – Трендот на смртност од кардиоваскуларни заболувања сé уште е највисок, а загрижува тенденцијата на намалување на возрасната граница за пациенти со вакви заболувања. Превенцијата е една од најважните точки што треба да се потенцираат, истакна во интервјуто за Супер радио и OhridPress директорката на ЈЗУ Специјализирана болница за кардиоваскуларни заболувања – Охрид, д-р Елена Коваческа Башуроска.

Денеска се одбележува Светскиот ден на срцето, а годинашното мото е „Користи го срцето да се поврзеш“ со што се става акцент на огромните можности на дигиталните технологии во служба на подигање на свеста за важноста на превенцијата и константната поврзаност на кардиоваскуларните пациенти со своите доктори и здравствените работници преку т.н телемедицина, како и поврзаноста со семејството и пошироката заедница.

Во светски рамки 18,6 милиони смртни случаи се поради кардиоваскуларни заболувања, а околу 520 милиони пациенти во светот страдат од кардиоваскуларни заболувања. Тоа е огромна бројка на пациенти кои треба да се следат и згрижат.

15 години интервентна кардиологија во охридската Специјализирана боилница за кардиологија

Токму во овој период на пандемија најголема можност дава користењето на дигиталната технологија и може да помогне овој период „поблаго“, по бенигно да се помине, потенцира д-р Коваческа Башуроска.

– Пациентите со кардиоваскуларни заболувања беа предупредени дека се со зголемен ризик од ковид инфекции и поради тоа редовните амбулантски прегледи кај нас беа одложувани. Меѓутоа и мотото на овој светски ден става акцент на можностите на дигиталната технологија. Ние уште во почетокот на пандемијата имавме воспоставено две телефонски линии за контакт со нашите пациенти и бевме 24 часа достапни за нив, во секое време да не консултираат, да побараат совет од лекарите. Доколку постоеше ургентна состојба или според наша проценка, пациентите доаѓаа на преглед или третман во болницата, потенцира д-р Коваческа Башуроска.

Реално точно не може да се знае бројката на заболени од кардиоваскуларни болести биејќи голем дел од страв не се јавуваат на лекак, но во Специјалната болница забележан е доста голам број пациенти кои првпат дошле поради некој проблем, кардиоваскуларен, хипретензија аритмија, или некој метаболен проблем.

Можно е да е слика од текст

Во овој период на пандемија има зголемување на смртноста од кардиоваскуларни заболувања, има комплексни случаи кои доаѓаат во болницата со тешки кардиоваскуларни заболувања и компликации предизвикани од нив. Според д-р Коваческа Башуроска тоа е последица на стравот кај пациентите евентуално од зараза и некако ги одлагаат или негираат тегобите, па доаѓаат во болница во крајно тешка состојба.

– Имаме умерено голема бројка на пациенти кои ги бараат нашите услуги, работат четири амбуланти, две со „Мој термин“ и две ургентни за пациенти кои доаѓаат со приоритетни и ургентни упати од други установи. Со оглед на тоа што покриваме голем регион, максимално се трудиме да ги прилагодиме условите во амбулантите во услови на пандемија и мислам успешно се справуваме. Ги згрижуваме пациентите од цел југозападен регион, пациентите кои се ургентни, со акутни состојби и тешки кардиоваскуларни заболувања, истакна д-р Коваческа Башуроска.

Додава дека младите пациенти се сé поприсутни во амбулантите во болничкиот дел, па она што загрижува е тенденцијата на намалување на возрасната граница за пациенти со кардиоваскуларни заболувања.

– Потребно е да не се негираат тегобите во вид на замор што ги чувствуваат пациентите, градна бола, препотување, секогаш да го консултираат матичниот лекар, редовно да прават контроли за одредување на ниво на холестерол што е многу важен и е ризик фактор за овие заболувања, потоа мерење на крвен притисок што може и во домашни услови. За секој проблем што го имаат пациентите секогаш мора да го контактираат матичниот како и достапната врака со нашата институција, рече директорката.

Во однос на тоа што треба да се направи за здраво срце и за превенција од кардиоваскуларни болести, во прв план тука е консумирање на здрава храна, со потенцирање на важноста на витамините, земање повеќе овошје и зеленчук, избегнување мрсна храна, тестенини и секако забрането пушење цигари. Покрај тоа потребна е и доволна физичка, рекреативна активност. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука