Скопје/Охрид, 30. септември 2021 (ОХРИДПРЕС) – УНЕСКО, екологија, дивоградби, Вегета…Во овие невообичаени рамки се движеше синоќешното прво јавно соочување на кандидатите за градоначалници на Охрид.
Гости во емисијата „Анализа“ со Биљана Секуловска беа д-р Кирил Пецаков од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Обнова на Македонија“, д-р Константин Георгиески од СДСМ и Гоце Цветковски од ТМРО.
Пецаков се осврна на повеќе теми, меѓу кои и на уредувањето на плажите покрај Охридското Езеро кои според него, беа најгорливиот проблем ова лето, и немаше турист кој не се пожали на состојбата на истите.
– Факт е дека уредувањето на плажите беше еден од најгорливите проблеми ова лето за кои што имавме забелешки, буквално од секој еден турист и можам да кажам само дека времето и тајмингот кога се случи цела оваа работа, беше промашен, истакна Кирил Пецаков, кој напомена дека иако во Македонија имавме година и половина пандемија на Корона вирусот каде што движењето и посетата на угостителските објекти беше ограничено и во одредени моменти целосно забранети, кога што лесно можеше да се отстранат платформите од објектите без да се загрози туристичката сезона, градоначалникот Константин Горгиевски, одлучи тоа да го направи пред самиот старт на туристичката сезона што доведе до целосно нејзино загрозување.
Во однос на дивоградбите во Охрид по што градот се најде на листата на загрозени подрачја под заштита на УНЕСКО, Пецаков истакна дека тоа се должи пред се на нелегалните градби кои се во централното градско подрачје кои изминатите четири години се стимулираа или потајно се премолчуваа поради тесно коалициски договори кои беа повеќе од очигледни.
– Националниот парк Галичица и сето она што таму се случувало, меѓутоа покрај тоа што стана популарен по бројот на дивоградби заради извештајот на УНЕСКО, треба да семе чесни и да кажеме колкав е бројот на дивоградби во изминатите четири години кои што се стимулирани, заради пред се, би рекол, непринципиелни коалиции кои што беа видливи во нашиот град во изминатите четири години, и на некој друг начин не биле стимулирани, меѓутоа преќутно беа дозволувани тие да се случуваат. А, инаку тврдам, се што е настрана од фокусот и е поврзано со дивоградба не е основната цел зошто ние под УНЕСКО бевме ставени како загрозено подрачје, истакна Пецаков.
Актуелниот градоначалник и кандидат на СДСМ за нов мандар д-р Константин Георгиески напомена дека проблемот со УНЕСКО датира одамна и е генериран со децении наназад. Вели дека до оваа состојба се дошло поради лошото менаџирање.
– Лошото менаџрање како резултат на неносењето на соодветни законски регулативи, овозможил несодветна урбанизација и развој на градот во погрешка насока. Проблемот со бесправната градба е во целата држава, а но Охрид стана синоним за бесправните градби и затоа направивме регистар на тие градби, вели Георгевски.
Според него, следни проекти се четирите прочистителни станици за реките кои се индиректни загадувачи на езерото.
– Ако некогаш нешто се направи во однос на заштитата на Охридското Езеро, тоа е во изминатите четири години со формирањето на ЈП Колекторски систем. Напластените долгодишни проблеми на МЈП Проаква која беше меѓуоптинско претпријатие на град Охрид и Струга. Со формирањето на ова ЈП се започна со проектите за реконструкција и ревитализација на колекторскиот ситем. Се инвестираа првите 4 милиони евра, се постави цефка во цефка систем, се реконструираа пимпните станици, истакна Георгиески.
Тој ги потенцираше и плановите и проектите на општина со кои ќе се реши долгогодипното загадување на Охридското Езеро.
– Следни проекти кои ни се насушно потребни на општина Охрид се четирите прочистителни станици за реките и местата кои се индиректни загадувачи на Езерото, а тоа е прочистителната станица во Трпејца, во Љубаништа, Косел и Долно Лакочереј. Ова е нешто што во наредните четири години мора да го завршиме. Потоа дислокацијата на Мауцкер и што се однесува со сливот на Охридското Езеро тоа е веќе во поодмината фаза на проектирање за враќање на реката Сатеска во првичното корито. Овој проект го работи UNDP, и мислам дека оваа реализција ќе започне за скоро. Ова ни е и една од препораките на УНЕСКО, како и дислокацијата на Буково. Ние како општина нема да може сами да ја завршиме дислокацијата на Буково, ова ќе треба да се заврши со националната стратегија за третирање на отпад да се реши тоа. Ние како локална самоуправа ќе продолжиме со нашите напори да бидеме меѓу првите региони токму поради УНЕСКО да се реши овој проблем со Буково, истакна Георгиески.
„Ѕвезда“ на вечерта сепак беше кандидатот за градоначалник на Општина Охрид од редовите на ТМРО, Гоце Цветкоски, кој ги обвини противкандидатите дека доаѓаат од партии кои 30 години „крадат во државата“ и напомена дека тие се доктори, а тој бил менаџер и дека токму таков кадар му бил потребен на Охрид. Понуди половина од својата плата да ја дели „пред општина на социјални случаи“ и напомена дека веднаш по неговиот избор за градоначалник ќе го постави вистинското знаме пред општината. Го објави јавно телефонскиот број за охриѓани да му кажеле какви проблеми имаат, па да ги решавале заедно…
Тој отиде до таму што истури „Вегета“ кон своите противкандидати.
– Оваа „Вегета“ ми ја дадоа во Охрид, да им дадам малку на колегиве да замезат со парите кои ги лапаат, изјави тој. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: Тв24