Охрид, 6. октомври 2021 (ОХРИДПРЕС) – Охрид е на трето место на државно ниво по опфат на население вакцинирано со прва доза вакцина против COVID-19, но многу мала е заинтересираноста кај охриѓани за примање на трета доза.
Директорката на Здравствениот дом, д-р Ајсел Зејноска за Супер радио и OhridPress информира дека во тек е вакцинација со трета доза кај здравствените работници.
– Слаб интерес има кај граѓаните за примање трета доза. Сепак тоа е лична одлука. Кај нас со „Фајзер“ веќе се вакцинираат здравствените работници кај кои поминале шест месеци по прием на втора доза вакцина, независно од кој производител. Доаѓаат со соодветна потврда од институцијата каде работат, вели д-р Зејноска.
Таа потенцира дека е намален интересот за вакцинација, за разлика од претходно кога имаше и до 1.300 лица на ден, сега за вакцина и ревакцина на дневна основа има околу 160-170 лица.
Процесот на вакцинација и ревакцинација и понатаму се спроведува во салата за психофизичка подготовка на трудници, во кругот на Општата болница. На располагање се вакцините на „Фајзер“, „Астра зенека“ и многу мала количина „Синовак“. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес