Охрид, 7. октомври 2021 (ОХРИДПРЕС) – Нашата визија за Охрид е 365 дена дестинација, 365 дена можности за сите,за нас охриѓани поттик на економската активност од најмалите до најголемите бизниси, за гостите задоволство од содржините што им стојат на располагање, рече на денешната прес конференција Константин Георгиески, кандидат за градоначалник на Охрид од СДСМ и коалицијата „Најдоброто за мојата општина“.
Оваа динамична приказна, отвара шанса, младата генерација да размислува што да создаде, наместо каде да отиде.
Најави дека се работи на дигитализација на понудата и информациите за Охрид, со што на гостите ќе им се овозможи брзо и едноставно да стигнат до информацијата, производот и услугата што им е потребна. Ова се постигнува преку креирање на интернет портал и апликација „Цел Охрид на клик“.
– На оваа современа платформа прeдвидено е да бидат излистани сите информации за градот и туристичката понуда, хотели, апартмани, ресторани и кафулиња, малопродажба, авто и воден превоз, туристички водичи, настани, случувања и други важни информации. Преку овој портал, со препознатлив изглед, создаваме едноставен канал за користење на услуги, но и нивна промоција, со што значително придонесуваме за навремена информираност и квалитетна услуга за туристите. Нашата Предизборна програма е подготвена врз основа на темелни анализи и реални потреби. Покажавме дека имаме капацитет за реализирање на големи и важни проекти. На 17-ти октомври да го одбереме најдоброто за нашиот град, да гласаме за бројот 12 и да донесеме уште една голема победа во Охрид, рече Георгиески. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива