октомври 9, 2021

Скопје, 9. октомври 2021 (ОХРИДПРЕС) – На полноќ истекува рокот за пријавување на болните и немоќни лица до Oпштинските изборни комисии (ОИК) за гласање на локалните избори кои ќе се одржат на 17-ти октомври 2021 година.

Своето право на глас на овие избори, први ќе го искористат лицата што ќе се пријават да гласаат како болни и немоќни, болни од Covid-19 или во самоизолација, затворениците, лицата во притвор, во старските домови и внатрешно-раселените лица. Тие гласаат ден претходно, на 16-ти октомври, а за нив за утврдување на идентитетот и проверката дали веќе гласале нема да се врши со уреди за биометриска идентификација, туку за нив ќе користи спреј и UV ламба.

Рокот за пријавување на лицата со Covid-19 или во самоизолација е до понеделник, 11-ти октомври на полноќ. За овие и за лицата кои се во самоизолација, Општинската изборна комисија по службена должност ќе собере податоци од Државниот санитарен и здравствен инспекторат за лица кои се пријавени за гласање согласно со член 111-б став (1) од Изборниот законик. Државниот санитарен и здравствен инспекторат е должен во рок од 24 часа од добиеното барање да ги достави до ОИК податоците за лицата пријавени за гласање. Гласањето на лицата со Covid-19 или во самоизолација го спроведува посебен избирачки одбор составен од здравствени работници.

Избирачите кои на денот на гласањето се наоѓаат на издржување мерка куќен притвор, а кои сакаат да гласат, преку овластен полномошник ќе ја известат ОИК најдоцна три дена пред денот определен за гласање (среда, 13-ти октомври на полноќ).

Избирачите кои на денот на гласањето се згрижени во посебни установи за вонсемејна грижа гласаат во установата каде што се згрижени, еден ден пред денот определен за одржување на изборите, по претходна пријава до одговорното лице на установата каде се згрижени. Ова гласање го спроведува избирачкиот одбор на чија територија се наоѓа установи за вонсемејна грижа, во сабота, на 16-ти октомври. (Крај)

извор: Слободен печат фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука