Охрид, 9. октомври 2021 (ОХРИДПРЕС) – Локалните избори ќе се одржат на 17-ти октомври 2021 година. До Општинската изборна комисија се доставени четири кандидатури за градоначалник на Охрид и дури 11 советнички листи. Повеќе имало само во 2013 година, кога охриѓани гласаа вкупно за 13 советнички листи.
Она по што овие избори се препознатливи е и големиот број независни листи.
Супер радио и OhridPress ќе направат кратки претставувања на носителите на листите во насока на запознавање на јавноста со кандидатите, програмата и листите…
Денес го претставуваме носителот на независната советничка листа „Охрид пред сé“, Димитар Велјаноски.
Супер радио/OhridPress: Вие сте релативно млад човек, но доаѓате од семејство кое е подолго време дел од политичките процеси на локално, а одреден период и на државно ниво. Кој беше основниот мотив за кандидатурата и причина да ја формирате независната листа?
Велјаноски: Независната листа со која ќе настапи „Охрид пред сé“ на претстојниве локални избори, ја предводам јас, меѓутоа не ја формирав јас. Ја составивме во кругот на граѓанската иницијатива, и сметам дека според структурата е репрезентативен збир на личности со слични или блиски социо-општествени или идеолошки сфаќања, а заедничко на сите, па со тоа и мотив, беше револтот од тоа, кон каде се „движи“ градот, а и државата со него. За мотивот и неговата разноликост можам да пишувам со часови, меѓутоа, накратко кажано, мотивот за формирање на независната листа е да се врати Советот во рацете на граѓаните, онаму каде по слово на законот и припаѓа.
Супер радио/OhridPress: Советничката листа е составена претежно од млади луѓе, од кои дел и за прв пат се среќаваат со ваков предизвик. Луѓето кои ја најавија иницијативата и кои ја поддржуваат и промовираат ги нема на листата. Дали искуството одлучи да ја стави младоста во прв план или имавте други мотиви за да се одлучите за ваков состав?
Велјаноски: Да бидеме искрени, првичниот концепт на иницијативниот одбор, за составување на независната листа беше да се постават личности кои „уживаат“ репутација на интелектуалци во градот. Меѓутоа, со оглед на нивото до кое политичките партии ги доведоа советите како орган во локалната самоуправа, поугледните (со тоа мислам повозрасни) граѓани кои ја поддржаа иницијативата, одбиваа фронтменски да настапат во трката за Совет, со образложение дека собраниската говорница е „театар на комедија“, а не место од кое се штитат интересите на граѓаните. Поради тоа, а и поради фактот што токму ние (помладите) треба да живееме и да ја градиме сопствената, а и иднината на Охрид, одлучивме да настапиме со младинска листа и сметаме дека по 17-ти овој месец, Советот на општина Охрид ќе си ја врати улогата која законодавецот му ја предвидел, а тоа е да биде орган број 1 во локалната самоуправа.
Супер радио/OhridPress: Живеете во Охрид и треба да ги знаете проблемите со кои секојдневно се среќаваат жителите. Според сите анкети криминалот, хаосот во урбанизмот, дивоградбите, недоволната хигиена, урбаната мафија се најголемите проблеми на овој град. Доколку освоите едно или повеќе советнички места, како ќе се справите со овој „канцер“ кој го јаде градот одвнатре?
Велјаноски: Целта на „Охрид пред сé“ не е само учество во Советот. Како за прва политичка битка, можеби поамбициозно, меѓутоа со оглед на околностите лесно остварливо, целта е да без нашата советничка група нема мнозинство во Советот. А од таа позиција, ако за 4 години не успееме целосно да ги сузбиеме тие девијантни појави кои погоре ги наведовте, Ве уверувам дека значително ќе ги намалиме и ублажиме. Трендот со кој политичките партии ги присвојуваат општините и ги претвараат во „темни вилаети“, мора да престане.
Супер радио/OhridPress: Кажете ни нешто повеќе за Вас приватно. Кој е Димитар Велјаноски?
Велјаноски: Имам 31-на година, средно училиште завршив во охридската гимназија и Економски факултет на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Неколку години работев во банка, а сега последните неколку бев во тимот на градоначалникот Ногачески во соседна Дебрца. Во слободно време сакам спорт, книга и филм, а после 17-ти, со Господ напред, се надевам дека основна работна преокупација за наредните 4 години ќе ми биде, како да го забавиме процесот на масовно отселување на младите охриѓани од градот, како да ги придобиеме назад веќе одселените квалитетни кадри и како да го вратиме Охрид во своето некогашно светло, а тоа значи пофторно да биде културен, духовен и интелектуален центар на Балканот.
Супер радио/OhridPress: Испратете порака до охриѓани во пресрет на изборите.
Велјаноски: Почитувани охриѓани, без разлика од која партија ќе биде градоначалникот на Охрид во следните 4 години, Советот мора да остане независен и затоа Ве повикувам на 17-ти овој месец масовно да го заокружиме бројот 122 и независната листа која јас ја предводам, да го ставиме Охрид пред сé и да составиме шаренолик Совет кој природно ќе се грижи за општото и колективното добро на градот, а не по партиска директива како до сега, да биде гласачки апарат и продолжена рака на градоначалникот. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес