октомври 11, 2021

Охрид, 11. октомври 2021 (ОХРИДПРЕС) – Комплетните имиња на политичките партии остануваат на гласачките ливчиња, но со најновата одлука на ДИК називите на независните листи се тргнати од гласачките ливчиња, со што може да дојде до забуна кај гласачите, велат од Независната советничка листа „Охрид има План Б“.

– Називите на независните листи се тргнати од гласачките ливчиња, но Охрид знае кој е нашиот број – 98 за победа. Водевме сосема позитивна кампања, се сконцентриравме на презентација на нашата програма на која вредно работеше нашиот тим и на нашите кандидати за советници со кои се гордееме. Имаме атрактивна кампања, преку која се претставивме пред нашите охриѓани. Гласачите во недела на 17-ти октомври, ќе можат да не најдат на гласачкото ливче како група избирачи Антонио Наумоски, а бројот е секако 98, порачаа од „Охрид има План Б“.

Од ДИК велат дека постапиле согласно член 60 став 9 од Изборниот законик според кој подносител на листата на кандидати е група избирачи, називот на листата се означува со „група избирачи“ и името и презимето на кандидатот.

За изгледот на гласачкото ливче од ДИК се повикуваат на членовите 97 и 98 од Изборниот законик. Овие членови предвидуваат гласачкото ливче за гласање за избор на градоначалник (член 98) и за избор на членови на совет (член 97) да содржи назив на гласачкото ливче, бројот на гласачкото место и општината, реден број, име и симбол (ако го има) на подносителот на листата како и реден број, име и презиме на кандидатите врз основа на податоците од матичната евиденција. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: Охрид Има План Б

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука