октомври 13, 2021

Скопје, 13. октомври 2021 (ОХРИДПРЕС) – Бројот на активни ковид случаи во државава изнесува 6.658 и бележи пад за околу 4.000 споредено со претходната недела. Повеќе од половина од вкупниот број се во главниот град, 3.391, по што следи Куманово со над 500, додека Демир Капија со три и Дојран со еден се со најмалку активни случаи.

За поефикасно справување со пандемијата и во текот на вчерашниот ден беа упатени повици да се забрза темпото за имунизација со стимулативни мерки, граѓаните навреме да одат на лекар и да не се лекуваат на своја рака.

Државниот здравствен и санитарен инспекторат (ДСЗИ)  апелираше граѓаните кои се позитивни на COVID-19, да не прифаќаат лекување во домашни услови, ако за тоа не се изјасни матичниот лекар и задолжително да побараат пишан документ за терапијата и начинот на лекување.

Апелот уследи откако, како што информираа, до ДЗСИ добиле претставка од здравствен работник, за починато лице инфицирано со COVID-19, кое по утврдената дијагноза од матичен лекар, по 14 дена од инфекцијата, дошло во ковид центар, во многу лоша здравствена состојба и починало на само неколку часа по приемот.  Блиски родини на починатото лице, дале податок дека сега веќе починатото лице било лекувано седум дена во домашни услови со инфузиона терапија и ги навеле точните називи на лековите кои биле давани, а истите ги посочил во писмен допис и здравствениот работник кој извршил прием на пациентката каде починала.

Анализите на Институтот за економски истражувања и политики Фајнанс тинк, пак, покажале дека вакцинацијата ги намалила трошоците за хоспитализација за 170,8 милиони денари или 2,8 милиони евра во текот на последните пет недели од делта бранот.  Вакцинацијата, според проценките, ја намалила хоспитализацијата помеѓу 37,9 и 46,5 проценти и спречила да се заразат дополнително околу 14.500 луѓе или 148 повеќе новозаразени на ден во текот на последните 3,5 месеци.

– Отсуството на вакцинација би придонело, кумулативно, до дополнителни 4.595 неделни хоспитализации (околу 328 хоспитализации повеќе, неделно), се вели во извештајот што вчера го објави Фајнанс тинк.

На носителите на политики им препорачаа да го забрзаат темпото на вакцинација со воведување стимулативни мерки како на пример вредносни ваучери особено во градовите каде има пониско ниво на вакцинирано население. И на приватниот сектор му се препорачува преку стимулативни мерки да ги мотивира вработените да се вакцинираат, а новинарите и истражувачите да го зголемат нивото на информираност на популацијата за ефектите од вакцинација преку издржани и детални анализи.

Податоците од Министерство за здравство покажуваат дека 35 проценти од популацијата во државава примила две дози вакцина, додека според бројот на аплицирани вакцини, 38 отсто од целата популација во нашата земја е вакцинирана барем со една доза.

Според податоците од МЗ, по новите 130 заболени од коронавирусот регистрирани во вчерашната статистика на Министерството за здравство за претходното деноноќие вкупната бројка на ковид случаи во државава достигна 195 132. Во вчерашната ковид статистика беа регистрирани и 432 оздравени пациенти, како и шест починати, а досега како последица на COVID-19 вкупно починаа 6.855 лица. (Крај)

извор: Опсервер фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука