Скопје, 13. октомври 2021 (ОХРИДПРЕС) – Во понеделник ќе се знае дали за влез и престој во затворени простори ќе биде потребен сертификат за примени две дози вакцина против COVID- 19, изјави денес министерот за здравство, Венко Филипче.
Дека ова се планира Филипче најави кон средината на минатиот месец. За мерката ќе се разговара на следниот состанок на Централниот штаб во Владата, согласно препораките на Комисијата за заразни болести.
Додаде дека не се очекува силен бран и притисок врз болничките капацитети, но вели дека се подготвени зависно од состојбата.
– Бројот на новодијагностицирани случаи се намалува. Сметам дека силен бран не би требало да има, но тоа не значи дека не треба да сме внимателни. Очигледно е дека вакцинацијата го прави своето и има ефект. Тоа е докажано во градовите во кои болниците не се оптоварија. Вакцинираните доколку се заразат ќе бидат со полесна клиничка слика, така е во сите земји во светот каде има висок опфат на вакцинација. Со имунизацијата се штити сопственото здравје, јавното здравје, но и целокупнито здравствен систем, потенцира Филипче.
Во овој момент освен кампањите и рестриктивните мерки, Филипче рече дека сé уште не се размислува да се препорача вакцината да биде задолжителна, но тоа не е исклучено. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива