Охрид, 13. октомври 2021 (ОХРИДПРЕС) – Охрид ќе биде град каде што спортот и физичкото образование ќе бидат примарни за здравјето и начинот на живот на сите граѓани, рече на денешната прес конференција Константин Георгиески, кандидат за градоначалник на Охрид од коалицијата „Најдоброто за мојата општина“ предводена од СДСМ.
Потсети на реализираните проекти во областа на спортот, истакнувајќи ја изградба на нова трибина на источната страна на градскиот стадион „Билјанини извори“ во вредност на еден милион евра, како и финансиската поддршка за спортските клубови и школи.
За претстојниот мандат најави градба на уште една нова трибина на стадионот „Билјанини извори“ од западната страна и поставување на две нови монтажни трибини. Со ова, Охрид ќе добие функционална и современа фудбалска арена со 5.000 седишта, на која ќе може да се играат натпревари од највисока категорија, рече Георгиески.
– Како што информиравме претходно, продолжуваме да инвестираме во нова спортска и рекреативна инфраструктура во комплексот на поранешната касарна. Градиме Адреналински парк, памп патека, голф терени и трим патека. Предвидуваме воведување вон наставни спортски активности во основните и средните училишта, преку програми за спорт. Поттикнуваме изградба и обнова на училишните спортски сали и терени и обезбедуваме изградба на нови малски игралишта и баскет терени. Планираме поголем развој на училишни и ученички спортски клубови и подготвуваме проекти за подобри условите за развој на водените спортови, во согласност со потребите на клубовите за водени спортови. Имаме планови за вистински развој и напредок на Охрид. Затоа во недела на 17-ти октомври да ја дадеме нашата поддршка за коалицијата „Најдоброто за мојата општина“. Да го заокружиме бројот 12 за уште една голема победа за Охрид, истакна Георгиески. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива