Охрид, 14. октомври 2021 (ОХРИДПРЕС) – Преземаме конкретни мерки за овозможување на туристичка функционалност на плажите, кои ќе бидат достапни за сите граѓани и ќе бидат во хармонија со природата. Нивното уредување ќе биде во согласност со Урбанистичкиот план за крајбрежје што го подготвува Агенцијата за просторно планирање и Планот за управување со светското природно и културно наследство, истакна на денешната прес конференција кандидатот за градоначалник на Охрид од СДСМ и коалицијата „Најдоброто за мојата општина“, Константин Георгиески.
По консултација со експерти, најави дека се развива нов концепт и план, за општината да преземе важна улога во уредување, но и во управување со плажите, согласно еко стандардите, со цел плажите да бидат јавни и достапни за граѓаните, но и во функција на туризмот.
Во насока за подобро вклучување на плажите во туристичката понуда на градот и создавање на можности за користење на средства од фондовите на ЕУ, ќе бидат соодветно брендирани слободните градски плажи со препознатлив визуелен идентитет, лого и назив.
– Во јавноста ќе бидат објавени идејните решенија кои пристигнаа на Јавниот повик на општината, кој беше објавен на крајот на август. На повикот се бараа креативни предлози и дигитални 3D анимации за уредување на плажите, согласно предвидените критериуми за заштита на природата и Охридското Езеро. Целта на повикот беше да ги вклучиме домашните архитекти, урбанисти но и граѓаните во креирање и избор на најдоброто идејно решение. За оценување на пристигнатите решенија формирана е стручна комисија, составена од експерти од различни области.
Преземаме мерки за уредување на плажите согласно идејното решение кое ќе биде избрано. Преку посебна програма ќе се пристапи кон тековно чистење и одржување на околината, хортикултурно уредување, поставување на објекти од природни материјали, реквизити и друга сезонска понуда за туристички цели.
Се разгледува можноста за спроведување на тематска специјализација на плажите. Целта е плажите да бидат вистинско место за уживање, одмор и забава. Уредените плажи ќе создадат дополнителни услови и алтернативна сцена за организирање на културни и забавни настани на отворено. Ќе се креира посебна програма за шпицот на летната сезона, со која плажите ќе понудат нови содржини за туристите. Го нудиме најдоброто за развојот на Охрид, затоа на 17-ти октомври во недела да го заокружиме бојот 12 за уште една голема победа за нас и идните генерации, истакна Георгиески. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива