октомври 14, 2021

Охрид, 14. октомври 2021 (ОХРИДПРЕС) – Независната советничка листа „Охрид има План Б“, единствена на овие локални избори понуди кампања на повеќе јазици на кои зборува локалното население, па така до гласачите се обрати и на албански и на турски јазик.

– На нашата листа имаме граѓани, имаме наши сограѓани, наши соработници, наши пријатели… Покажавме на дело колку е навистина убав мултиетничкиот Охрид. На едно место со нашите браќа Турци, Албанци, Власи… Сите како едно, затоа што Охрид е од сите. Без оглед кој на која партија припаѓа, се сплотивме, затоа што имаме една светска големина пред нас – Охрид е поголем од сите нас заедно, бил пред нас, ќе живее векови по нас. Колку ние може да се вградиме во неговата големина и да придонесеме да биде уште поубав и поголем, зависи само од нас… Нашата најголема сила се луѓето кои го прифатија предизвикот да застанат на оваа листа без никакви компромиси. Тоа се едноставни луѓе, кои живеат тука, меѓу вас секој ден… Ги знаете, ги гледате, ги гледате нивните дела… Семејни луѓе, луѓе кои застанаа пред вас со крената глава и одлучно ја побараа вашата поддршка. Охрид е од сите, знаеме како да го направиме поубав, велат од „Охрид има План Б“.

Додаваат дека идејата за „Охрид има План Б“ произлегла од потребата да се обезбеди функционална општина и градскиот Совет да биде вистински сервис за граѓаните.

– Ќе го „нападнеме“ Советот и градоначалникот со издржани и реални иницијативи, одлуки, барања кои ќе се однесуваат приоритетно на неколку сфери. На површина мора да „испливаат“ кадри кои имаат идеи и желба да создаваат во нашата општина, а не да се потпираме на партиските кадри кои единствен успех им е да бидат вработени. Бизнис секторот мора да се ослободи од стегите на партиите. Само на овој начин граѓаните ќе имаат шанса достоинствено да влегуваат во институциите, да не се мачат при поднесување на документи и брзо и лесно да ги вадат истите. Само со враќање на довербата во локалната власт младите ќе можат да градат иднина во Охрид. Охрид е туристички центар. Во нашата програма има многу идеи преку кои ќе го зајакнеме туристичко-угостителски сектор. Не може само да се бара одговорност и да се казнува. Треба да се подаде рака до бизнис заедницата, доколку сакаме истите да работат според закони. Занаетчиите во Охрид се огледало на нашиот град и истите мора да ги поддржиме. Таксистите исто така. Мора да се субвенционираат, зашто Охрид не се само три месеци кога има работа. Овие луѓе мора да живеат во текот на целата година. Нивните проблеми ги знаеме и ќе направиме сè истите да ги надминеме. Бродари, кајчари, хотелиери, угостители, активисти и експерти од областа на архитектурата, урбанизмот, животната средина, спортот, културата… сите поминаа тешки години по кои мора да се охрабрат и поддржат. Сите овие алки мора да се спојат доколку сакаме Охрид да го направиме бизнис центар. Мора да се спречи натамошното уништување и да се вложат за подобрување на квалитетот на живот во општина Охрид, потенцираат од Независната советничка група.

Додаваат дека ова се приоритетни мерки кои ќе ја изведат општината од сивилото и ќе зацртаат нов позитивен правец на развој.

– За сето тоа да се оствари фокусот ќе ни биде кон зајакнување на капацитетите за учество во меѓународни проекти и програми. Финансиската конструкција за мноштво на проекти кои ги планираме ќе ја обезбедуваме од меѓународни донатори базирано на планови и мерки кои ги има во стратешките документи и тоа нема да го оптоварува основниот Буџет на Општината. Сметаме дека Охрид има услови својот развој да го базира на финансиски инструменти на меѓународната донаторска заедница. Охрид има иднина, Охрид има План Б, децидни се од „Охрид има План Б“, кои ги повикуваат охриѓани масовно да излезат во недела и да гласаат за бројот 98. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука