Охрид, 14. октомври 2021 (ОХРИДПРЕС) – На 17-ти октомври, Охриѓани повторно ќе се најдат на крстопат. Лево СДСМ, десно ВМРО ДПМНЕ. Познати патишта кои не водат никаде веќе 30 години. Бесцелно трошење на време и неповратно изгубени генерации (охриѓани), кои една по една се ситнат, секоја барајќи го својот пат надвор од родниот град, порачуваат од Независната советничка листа „Охрид пред сé“.
– „Третиот пат“ кој сега се трасира, под наводната „зелена агенда“, предводена од ДУИ е опасна делница по која со години возат и левите и десните локални власти, а патарината која од избори до избори е се’ поскапа, ја плаќаат граѓаните. Во таа насока, а по повод „хвалоспевот“ од прес конференцијата на локалниот лидер на владеачката партија, за успесите на коалицијата која управува со Охрид во последниве 4 години, се најдовме повикани и мораме да запрашаме – Дали навистина верувате дека најдоброто за вашата партија може да биде и најдобро за нашата општина!? Како вие, најдобрите, барате мнозинство во Советот и тоа го правдате со капитални проекти во наредните 4 години со средства од централната власт, кога истата таа власт уште на 18-ти може да не е!? Дали за време на нејзиниот мандат, претседателката на Совет барем еднаш има вратено предлог или оспорено одлука на градоначалникот!? Дали советниците од Советот на општина Охрид имаат предадено Извештај за работа на Совет, барем еднаш во изминатите 4 години!? Дали Советот носи одлуки за општото добро на Охрид и охриѓани или само акти и измени во интерес на поединци!? Дали е во ред да се зборува за заштита на животната средина, а во исто време охриѓани од сопствен џеб да ги плаѓаат скапите тендери за одржување на депонијата „Буково“ која ги загадува и воздухот и почвата, а и водите кои на крај се слеваат во езерото!? Дали мислите дека поради „успесите“ што ги постигнавте, управувајќи го Охрид, во изминативе 4 години, сега, за овие локални избори ќе имаме рекорден број на листи за членови во Совет!? – запрашаа од „Охрид пред сé“.
Почитувани водачи на големите партии, ако не знаевте, токму поради ваквите лицемерни предизборни настапи и се изродија 11 листи кои ќе се натпреваруваат за место во Советот на овие локални избори, потенцираат од независната листа.
– Од тие исти причини се изроди и „Охрид пред сé“, точно со цел спротивна од вашата, со цел да 3-те партии кои последниве 20 години ги угнетуваат охриѓани, не можат да формираат коалиција и безусловно мнозинсто во Советот, со кое како и до сега би се штителе само интересите на локални поединци и велемоќници од метрополата. Почитувани сограѓани, борбата за независен Совет е борба на сите нас. Само во оној момент кога Советот ќе слезе од скутот на градоначалникот, само тогаш Советот ќе ги оствари и де факто надлежностите кои законодавецот му ги предвидел, додаваат од „Охрид пред сé“. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива