Охрид, 15. октомври 2021 (ОХРИДПРЕС) – Локалните избори ќе се одржат во недела на 17-ти октомври 2021 година. До Општинската изборна комисија се доставени четири кандидатури за градоначалник на Охрид и дури 11 советнички листи. Повеќе имало само во 2013 година, кога охриѓани гласаа вкупно за 13 советнички листи.
Она по што овие избори се препознатливи е и големиот број независни листи.
Супер радио и OhridPress направија кратки претставувања на носителите на независните листи во насока на запознавање на јавноста со кандидатите и листите…
Охриѓани го знаат како правник и угостител. Човек од чаршијата, љубител на спортот и дружба со пријателите и најблиските. Вели дека во животот сака фер игра, да отвора врати, да создава услови за поквалитетен живот на сограѓаните. Семеен човек, татко на три деца… Живее и работи во Охрид. Денеска разговараме со Антонио Наумоски- Тоци, кој во завршното обраќање до граѓаните порача дека „Охрид има План Б“ ќе биде чувар на имотот и буџетот на градот, делувајќи само во интерес на граѓаните.
OhridPress: За прв пат лично влегувате во изборна трка. Кој беше основниот мотив за кандидатурата и причина да ја формирате независната листа?
Наумоски- Тоци: Основната идеја за „Охрид има План Б“ произлезе од насушната потреба да имаме навистина функционална општина и градски Совет кој ќе биде вистински сервис за граѓаните. Се организиравме, најдовме истомисленици, луѓе од повеќе области кои се сериозни професионалци и докажани во своите области. Откако ќе влеземе во Советот, планираме да го „нападнеме“ со издржани и реални иницијативи, одлуки, барања кои ќе се однесуваат приоритетно на неколку сфери.
OhridPress: Во пораките кои ги испраќате до охриѓани порачувате „Охрид има План Б“, ние знаеме како…. Кажете ни повеќе за програмата со која ќе се претставите и ќе се обидете да го добиете гласот од охриѓани?
Наумоски- Тоци: Нашата програма произлезе од реалниот живот, од проблемите со кои се соочуваат и потребите на охриѓани. Бизнис секторот мора да се ослободи од стегите на партиите. Само на овој начин граѓаните ќе имаат шанса достоинствено да влегуваат во институциите, да не се мачат при поднесување на документи и брзо и лесно да ги вадат истите. Само со враќање на довербата во локалната власт младите ќе можат да градат иднина во Охрид. Охрид е туристички центар. Во нашата програма има многу идеи преку кои ќе го зајакнеме туристичко-угостителски сектор. Не може само да се бара одговорност и да се казнува. Треба да се подаде рака до бизнис заедницата, доколку сакаме истите да работат според закони. Занаетчиите во Охрид се огледало на нашиот град и истите мора да ги поддржиме. Таксистите исто така. Мора да се субвенционираат, зашто Охрид не се само три месеци кога има работа. Овие луѓе мора да живеат во текот на целата година. Нивните проблеми ги знаеме и ќе направиме сè истите да ги надминеме. Бродари, кајчари, хотелиери, угостители, активисти и експерти од областа на архитектурата, урбанизмот, животната средина, спортот, културата… сите поминаа тешки години по кои мора да се охрабрат и поддржат. Сите овие алки мора да се спојат доколку сакаме Охрид да го направиме бизнис центар. Мора да се спречи натамошното уништување и да се вложат за подобрување на квалитетот на живот во општина Охрид.
OhridPress: Живеете во Охрид и одлично ги знаете предизвиците на заедницата и проблемите со кои се соочуваат жителите. Ќе се согласиме дека се бројни. Дали има излез од оваа состојба во која се наоѓа градот, од каде треба да се почне во средувањето на состојбите и подобрување на квалитетот на живот на граѓаните?
Наумоски- Тоци: Има излез, секогаш има излез. Мора да се сплотиме, да погледнеме со отворени очи, да ги спротивставиме програмите, да видиме кои се тие луѓе кои застануваат пред Вас и го бараат Вашиот глас. На нашата листа има сериозни луѓе, кои можат да направат сериозен исчекор напред. Тоа се луѓе кои се докажани, вредни и пред се’ чесни, затоа што честа е она што некако најмногу фали. Премногу празни зборови, неисполнети ветувања и така во круг со децении. Мора да го прекинеме тој синџир, Охрид може и мора повеќе и подобро. Затоа, Охрид има План Б.
OhridPress: Испратете порака до охриѓани во пресрет на изборите.
Наумоски- Тоци: Пораката е едноставна. Во недела излезете и гласајте. Денот нека биде празник на демократијата. Мирно и достоинствено, дадете го гласот за оние луѓе на кои би им ја довериле довербата и во кои верувате. Нашата листа е под број 98 и веруваме дека изминативе 20-тина дена успеавме да стигнеме до сите охриѓани, да ја презентираме нашата програма и нашата визија за поубав Охрид. Затоа гласајте за нас, број 98 за Независната советничка листа „Охрид има План Б“. Ви благодариме. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива