Скопје, 15. октомври 2021 (ОХРИДПРЕС) – Ефикасноста на вакцините против COVID-19, ја потврдуваат многу анализи. Вакцините штитат од тешка форма на болеста, од хоспитализации и смртен исход. Анализите на Министерството за здравство утврдија дека меѓу 79% и 81% од хоспитализираните пациенти со ковид, се невакцинирани, напиша на Фејсбук министерот за здравство Венко Филипче.
Додава дека според истражувањето на Цивика мобилитас, во последните три и пол месеци има 14.500 помалку заразени, 4.595 помалку неделни хоспитализации, вакцинацијата ја намалила хоспитализацијата помеѓу 37,9% и 46,5%, а за 2,8 милиони евра пониски трошоци за хоспитализација во последните 5 недели од делта бранот.
– Вакцинацијата против COVID-19 е важна и ќе помогне да запре пандемијата. Вакцините функционираат заедно со вашиот имунолошки систем, така што ќе бидете подготвени да се борите против вирусот доколку сте изложени на него. COVID-19 може да има сериозни, опасни по живот компликации и не постои начин да се знае како вирусот ќе влијае на вас. Со вакцината се штитите себе си, пријателите, семејството и ги штитите другите околу вас, вели Филипче.
Во понеделник ќе се знае дали за влез и престој во затворени простори ќе биде потребен сертификат за примени две дози вакцина против COVID- 19. Неодамна изјави дека не се очекува силен бран и притисок врз болничките капацитети, но се подготвени зависно од состојбата.Во овој момент освен кампањите и рестриктивните мерки, Филипче рече дека сé уште не се размислува да се препорача вакцината да биде задолжителна, но тоа не е исклучено. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива
Прочитано: 22