Охрид, 15. октомври 2021 (ОХРИДПРЕС) – Последен ден од кампањата во пресрет на локалните избори што ќе се одржат в недела. Кандидатите за градоначалници и советници имаат уште неколку часа да се „додворуваат“ на граѓаните.
Во единствениот избирачки список во Република Македонија се запишани 1.824 864 избирачи. Во општина Охрид се евидентирани вкупно 52.477 граѓани со право на глас. Поднесени се три кандидатури за прв човек на градот и 11 советнички листи, од кои 3 се независни, 5 се поднесени од политички партии и уште 3 од коалиции.
Кандидати за градоначалник се: д-р Кирил Пецаков од коалицијата „Обнова на Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ, д-р Константин Георгиески од коалицијата „Најдоброто за мојата општина“ предводена од СДСМ и Гоце Цветкоски од ТМРО.
Кај советничките листи охриѓани ќе избираат помеѓу независните: група избирачи Антонио Наумоски, група избирачи Димитар Велјаноски и група избирачи Стевче Стевоски. Од партиите „Левица“ – носител Виолета Аврамова, ДУИ – носител Нефи Усеини, „Единствена Македонија“ – Владимир Суклоски, Движење БЕСА – Џемал Мена и ТМРО – Магдалена Наумоска. На предлог на коалиции има три советнички листи, ВМРО-ДПМНЕ и коалиција „Обнова на Македонија“ носител Сашо Донев, коалиција „Најдоброто за мојата општина“ предводена од СДСМ со носител Науме Јованоски и ДОМ и ЛДП „Одлучно за промени“, носител Александар Станкоски.
Во Охрид ќе се гласа на 88 избирачки места. Во однос на локациите ќе се задржат промените што беа извршени за време на парламентарните избори, со почитување на протоколите за заштита од COVID-19. Единствено има една промена на локација и една суштинска измена во опис на избирачко место.
Гласачкото место 1255 1255/1 што беше сместено во просториите на Територијалната противпожарна единица, во овој изборен циклус запишаните избирачи ќе гласаат во просториите на ОУ „Братство Единство“. Има и една суштинска промена на гласачкото место 1271, бидејќи бројката на запишани избирачи надминува 1.200. Во насока на почитување на ковид протоколите, гласачите од цела улица „Лазо Трпоски“ сега своето право на глас ќе го остварат на избирачкото место 1274, сместено во просториите на музичкото училиште „Методи Патчев“.
Изборната кампања завршува на полноќ. Утре први ќе гласаат болните и немоќните, лицата со COVID-19 и во самоизолација, затворениците, лицата во притвор, во старските домови…
Првпат на овие избори идентификацијата на гласачите ќе се врши со уреди за биометриска идентификација односно со отпечаток од прст, а на изборите, како и за претходните избори, ќе се применуваат мерки за заштита од ширење на COVID-19. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива