Охрид, 16. октомври 2021 (ОХРИДПРЕС) – Утре ќе се одржи првиот круг од седмите локални избори од независноста на Република Македонија. Првите се одржаа во 1996 година, а последните во 2017 година. Мандатот на градоначалниците и на советниците во општините трае четири години.
Кандидати за градоначалник на Општина Охрид на овие избори се д-р Кирил Пецаков од коалицијата „Обнова на Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ, д-р Константин Георгиески од коалицијата „Најдоброто за мојата општина“ предводена од СДСМ и Гоце Цветкоски од ТМРО.
Кај советничките листи охриѓани ќе избираат помеѓу независните: група избирачи Антонио Наумоски, група избирачи Димитар Велјаноски и група избирачи Стевче Стевоски. Од партиите „Левица“ – носител Виолета Аврамова, ДУИ – носител Нефи Усеини, „Единствена Македонија“ – Владимир Суклоски, Движење БЕСА – Џемал Мена и ТМРО – Магдалена Наумоска. На предлог на коалиции има три советнички листи, ВМРО-ДПМНЕ и коалиција „Обнова на Македонија“ носител Сашо Донев, коалиција „Најдоброто за мојата општина“ предводена од СДСМ со носител Науме Јованоски и ДОМ и ЛДП „Одлучно за промени“, носител Александар Станкоски.
Во Охрид ќе се гласа на 88 избирачки места. Во однос на локациите ќе се задржат промените што беа извршени за време на парламентарните избори, со почитување на протоколите за заштита од COVID-19. Единствено има една промена на локација и една суштинска измена во опис на избирачко место.
Гласачкото место 1255 1255/1 што беше сместено во просториите на Територијалната противпожарна единица, во овој изборен циклус запишаните избирачи ќе гласаат во просториите на ОУ „Братство Единство“. Има и една суштинска промена на гласачкото место 1271, бидејќи бројката на запишани избирачи надминува 1.200. Во насока на почитување на ковид протоколите, гласачите од цела улица „Лазо Трпоски“ сега своето право на глас ќе го остварат на избирачкото место 1274, сместено во просториите на музичкото училиште „Методи Патчев“.
Право на глас на овие избори имаат 1.824.864 лица, а за првпат ќе се користи опрема за идентификување на отпечатоци од прсти на гласачите. Своето право на глас денеска (сабота) можат да го остварат лицата во казнено-поправните установи, внатрешнораселените лица, како и лицата со попреченост и болните лица. ДИК информираше дека се формирани специјални избирачки одбори во општините каде што се пријавени поголем број заразени или лица во изолација поради Covid-19.
Вкупно 1.045 локални и странски набљудувачи и преведувачи се акредитирани за овие локални избори. Според ДИК, изборите ќе ги следат 714 локални набљудувачи. Акредитирани се 512 набљудувачи на Здружението на граѓани „Аксиос 2017 – Скопје“, 190 на Здружението Цивил и 12 набљудувачи на Институтот за економска стратегија и меѓународни односи Охрид-Скопје. Од ДИК исто така информираат дека се акредитирани 219 странски набљудувачи и 40 преведувачи.
Изборите се одржуваат во два круга. Во вториот круг влегуваат двата првопласирани кандидати. Победник уште во првиот круг се смета кандидатот што освоил 51 отсто од гласачите што гласале. Вториот круг од изборите е закажан за две недели, на 31 октомври, а кампањата за вториот круг завршува на 29 октомври. (Крај)
извор: ОхридПрес/Слободен печат фото: архива