Охрид/Белчишта, 17. октомври 2021 (ОХРИДПРЕС) – Изборниот процес на денешните Локални избори во општините Охрид и Дебрца се одвива непречено и во демократска атмосфера, на сите гласачки места.
Од ОИК на Охрид и Дебрца информираат дека сите избирачки места во двете општини се отворени навремено и изборниот процес се одвива согласно правилата и протоколите. Од она што беше соопштено од ОИК има мали потешкотии во процесот поради апаратите за отпечатоци кои го забавуваат изборниот процес, јави МИА.
Инаку, во општина Охрид се евидентирани вкупно 52.426 граѓани со право на глас, кои своето изборно право ќе можат да го остварат на 88 избирачки места.
На денешните локални избори за градоначалничката функција во трка се тројца кандидати, додека со свои листи за идниот состав на Советот на општината се поднесени 11 листи, од кои три независни, пет од политички партии и три од коалиции.
Кандидати за градоначалник се Кирил Пецаков од коалицијата „Обнова на Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ, Константин Георгиески од коалицијата „Најдоброто за мојата општина“ предводена од СДСМ и Гоце Цветкоски поддржан од партијата ТМРО.
Кај советничките листи охриѓани ќе избираат меѓу независните група избирачи Антонио Наумоски, група избирачи Димитар Велјаноски и група избирачи Стевче Стевоски. Од партиите „Левица“ – носител Виолета Аврамова, ДУИ – носител Нефи Усеини, „Единствена Македонија“ – Владимир Суклоски, Движење БЕСА – Џемал Мена и ТМРО – Магдалена Наумоска. На предлог на коалиции има три советнички листи, ВМРО-ДПМНЕ и Коалиција „Обнова на Македонија“ носител Сашо Донев, Коалиција „Најдоброто за мојата општина“ предводена од СДСМ со носител Науме Јованоски и Коалицијата на ДОМ и ЛДП „Одлучно за промени“ со носител Александар Станкоски.
Што е однесува на Општина Дебрца, таму право на глас имаат 4.348 лица кои ќе гласаат на 28 избирачки места. Во трка за градоначалничката функција се тројца кандидати, Игор Крцоски од СДСМ и Коалицијата „Најдоброто за мојата општина“, Сашо Силјаноски од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „Обнова за Македонија“, како и независниот кандидат Зоран Ногачески. За Советот на општината дебрчани ќе можат да бираат меѓу шест листи, од кои три на коалиции, една политичка партија и две листи поднесени од група избирачи. (Крај)
извор: МИА фото: архива