Охрид, 17. октомври 2021 (ОХРИДПРЕС) – Во Охрид е во тек гласањето на локалните избори 2021 година.
Според првичните информации од Државната изборна комисија (ДИК), до 11:00 часот во Охрид, од обработени податоци од речиси сите 88 избирачки места, на гласање излегле 5.692 граѓани, односно 12,20% од запишаните 52.477.
– Изборниот процес се одвива со некои ситни проблеми, но IT поддршката е на терен, па гласањето продолжува без поголем застој. Најчесто проблемите се несоодветно приклучување на уредот со принтерот како и погрешно внесување на корисничко име и лозинка, вели Антигона Сионов, претседател на Општинската изборна комисија.
Граѓаните на Република Македонија денеска гласаат на седмите локални избори, додека во Охрид ова се осми избори за локална власт.
За Охрид поднесени се три кандидатури за градоначалник и 11 советнички листи.
Гласањето на локалните избори започна во 07:00 часот и трае непрекинато до 19:00 часот. Ако гласањето биде прекинато подолго од еден час, тоа ќе продолжи за онолку време колку што траел прекинот, но не подолго од три часа.
Најголема излезност до 11:00 часот е регистрирана во Новаци каде излегле 24,36 отсто од гласачи, втора општина по излезност е Крива Паланка со 20,40 проценти излезени граѓани, Вевчани е на третата позиција со 18,61% излезени граѓани. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива