Скопје, 17. октомври (ОХРИДПРЕС) – Изборниот молк ќе трае додека се одржува гласањето и по 19:00 часот односно додека не се затворат избирачките места, потврди и официјално претседателот на Државната изборна комисија (ДИК), Александар Даштевски на последната пред-конференција.
Тој вели дека не може сега да се каже до колку часот ќе трае изборниот молк затоа што и тие во ДИК не знаат. Ако треба, според него, ќе се чека и до 21 и до 22 часот. Тоа зависи од метежот ќе има на избирачките места.
– Кога ќе се затворат избирачките места ќе ве известиме, рече Даштевски.
На новинарско прашање дали ДИК официјално има одлука да се продолжи гласањето на местата каде има редици за гласање, тој вели дека членовите се едногласни околу ова прашање и нема потреба од одлука затоа што така е предвидено и според Изборниот закон.
„- Според изборниот законик, во него пишува дека ако во текот на гласањето пред завршување на гласањето во или пред избирачкото место се најдат гласачи кои не го оствариле гласачкото право, ќе им се дозволи. За тоа е едногласна целата ДИК, нема потреба од одлука, рече Даштевски.
Тој вели дека нема редици пред гласачките места само во Скопје, туку и на други места.
– Имаме од секаде податоци. Јас имам фотографии што ми праќаат гласачи, имаме и телефонски јавувања дека во повеќе места се ствараат гужви, изјави претседателот на ДИК.
Даштевски уште еднаш ги повтори причините поради кои има метеж. Како што рече, прво е тоа што пребарувањето во избирачкиот список оди побавно затоа што тој за овие избори има дупло повеќе страници во споредба со претходните избори. Дуплираниот број страници се должи на тоа што на претходните избори на една страница списокот бил во две колони, а сега е само во една затоа што е оставен простор и за оставање отпечаток од прст со мастило.
Втората причина, рече претседателот на ДИК, е тоа што една четвртина од отпечатоците за прсти се со лош квалитет, а трета се ковид-протоколите.
Тој испрати и предупредување до членовите на избирачките комисии и до претседателите на Општинските изборни комисии (ОИК) дека мора да се користат уредите за идентификација на гласачите со отпечатоци од прсти. Ова предупредување Даштевски го даде бидејќи, како што рече, добиле информации дека на некои места без одлука на ДИК членовите на комисиите решиле да не ги користат.
– Ако не се гласа на таков начин, гласањето ќе мора да биде поништено, а овие лица ќе мора да бидат санкционирани бидејќи тоа го направиле без одлука на ДИК, вели Даштевски.
А ДИК таква одлука има само за шест избирачки места: по едно во Ново Село, Старо Нагоричане, Студеничани и Чаир и две места во Чучер Сандево.
За да се донесе одлука да не се користи отпечаток од прст, како што појасни Даштевски, прво ИТ-лицето треба да ги извести ОИК и ДИК и потоа да се донесе решение.
Даштевски рече дека за вакви случаи чекаат официјално и писмени известувања бидејќи досегашните информации ги добиле само од телефонски јавувања од набљудувачи за неколку места во Скопје и Кичево. (Крај)
извор: 360 степени фото: архива