Охрид, 18. октомври 2021 (ОХРИДПРЕС) – Почитувани сограѓани Охриѓани, Локалните избори за членови на Советот на Општина Охрид донесоа резултати на кои секој добронамерен Охриѓанец треба да биде горд затоа што заедно испишавме историски резултат и пресврт, порачаа од Независната советничка листа „Охрид има План Б“.
– Во услови на длабока партиска замаеност, нашата иницијатива „Охрид има План Б“ успеа во својата мисија да поттикне независно мислење и став и преку вашата поддршка да обезбеди присуство во Советот на Општина Охрид и со тоа да ги победи партиските безидејни групации и да покаже дека во Охрид има поинаква сила. Партиите бележат огромно намалување на поддршката кај граѓаните споредено со претходните локални избори, а вашата победа со поддршка на независното движење и независните идеи и проекти за Охрид, е голема долгорочна победа за сите нас, порачаа од иницијативата.
Додаваат дека граѓаните преку претставникот на иницијативата „Охрид има План Б“ во Советот на Општината ќе добијат свој отворен глас, ќе добијат продуктивност на идеи и предлог одлуки и ќе добијат одбрана на јавниот интерес во Општината.
– Освоените 1.407 гласови се успех и победа на слободната мисла на граѓаните на Охрид и поддршка која е знак дека тука нема да се застане тука напротив ќе се проширува. Охрид го гледаме многу поинаку од другите, го гледаме како визија,како стратегија, како носење решенија и одлуки. Изразуваме огромна благодарност за дадената поддршката и за прифаќањето дека навистина „Охрид има План Б“. Продолжуваме тој План Б да го развиваме и натаму сега и преку членството во Советот на Општина Охрид, порача Антонио Наумоски – Тоци, носител на листата на група избирачи „Охрид има План Б“. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива