Скопје, 20. октомври 2021 (ОХРИДПРЕС) – Граѓаните што примиле прва и втора доза од вакцините на кинеските производители „Синофарм“ или „Синовак“ ќе може да примат трета „бустер“ доза после три месеци по прием на втората доза, препорача Националниот комитет за имунизација.
Оние пак кои се имунизирани со друг тип вакцина, „Фајзер“, „Астра Зенека“ или „Спутник В“, трета доза вакцина може да прими после поминати шест месеци од ревакцинацијата.
Препорачана за примање трета доза е вакцината на „Фајзер“. Националниот Комитет за имунизација најпрво препорача трета доза вакцина да примаат сите граѓани над 60 години, потоа за сите здравствени работници без разлика на возрат и кај сите пациенти кои имаат имунокомпромитирана состојба.
Нови препораки имаше на почетокот на месецов, па трета доза можат да примат и сите други граѓани без разлика на возраста и без разлика на тоа дали имаат или немаат други хронични болести, а се во значаен ризик заради фрекфентните контакти, типот на работата, работното место да заболат. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива