Охрид, 27. октомври 2021 (ОХРИДПРЕС) – На само неколку дена пред вториот изборен круг, господинот Кирил Пецаков се одважи и конечно призна дека неговиот план е Охрид да го врати назад во минатото и дека ќе биде слуга и маша на личните и бизнис интереси на поединци. Пецаков заедно со криминалното ВМРО ДПМНЕ има намера повторно да го издава под концесија најатрактивниот и најзаштитениот дел од крајбрежјето на нашето Охридско Езеро, истакна на денешната прес конференција кандидатот за градоначалник од СДСМ и коалицијата „Најдоброто за мојата општина“, Константин Георгиески.
Додаде дека не треба да се дозволи несериозни политичари, полни со омраза и очај, луѓе кои имаат капацитет само да глумат во видео спотови повторно да го однесат Охрид во непознат правец.
– Маските им паднаа, нивните лаги и манипулации пропаднаа, вистинското лице на ВМРО ДПМНЕ и нивната понуда за Охрид излезе на виделина! Не можам да поверувам дека неговиот план е повторно да ги даде плажите во рацете на бизнис структури и да го врати концептот на стопанисување со крајбрежјето кој нанесе огромни штети на светското природно и културно наследство, со кое располага овој регион. Не ми е јасно како Пецаков како поранешен советник, пратеник и кандидат за градоначалник кој сака да управува со град како што е Охрид, покажува тотално непознавање на законите, го нема прочитано Планот за управување со светско природно и културно наследство и не му се важни препораките од УНЕСКО. Не можам да поверувам дека за ситни политички поени, за наклонетост и политичко агитирање, веќе има склучено непринципиелни договори, за да ги задоволи апетитите на одредена бизнис фела и се расфрла со неостварливи ветувања. Не можам да поверувам дека гази врз природата и сите правни норми, дека повторно сака да ги одземе плажите од граѓаните и да ги врати во рацете на профитери. Да не дозволиме Охрид да им припадне на учениците на Груевски, кој имаше планови да го распродава крајбрежјето на белосветски криминалци од Индија, кој планираше да гради парапети околу езерото, да носи морска песок на плажите и кој со неплански концесии на крајбрежјето, нанесе голема штета на охридскиот туризам, истакна Георгиески.
Нашата борба за Охрид е реална, ние сме многу поразлични од нив, ние сме тие кои носат храбри одлуки и на дело покажавме како се грижиме за Охрид, рече Георгиески, а околу прашањето за зачувување и уредување на крајбрежјето на Охридското Езеро покажале јасен став и план.
– Ние не нудиме нереални ветувања, ние развиваме сериозен концепт со кој општината ќе ги уредува и ќе стопанисува со плажите, кои ќе бидат јавни и достапни за сите. Нашата замисла е Охрид конечно да добие уредени градски плажи по сите современи текови и еколошки препораки.
Во недела е денот на вашиот вистински избор. Во недела, судбината на Охрид е во вашите раце. Во недела избираме дали Охрид ќе продолжи со започнатиот развој или ќе се врати во неизвесност и деструкција. Ја барам вашата доверба затоа што на дело покажав дека за мене Охрид и неговата иднина е над сите интереси! Охрид е мојот избор и најголемиот прироритет. Во недела да го заокружиме бројот 12 и да го избереме најдоброто за Охрид, порача Георгиески. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива