октомври 29, 2021

Скопје, 29. октомври 2021 (ОХРИДПРЕС) – Според официјалните податоци од институциите, ретки се незаконитите дејства во високопланинските предели на заштитените подрачја, над 1650 метри надморска височона. Сепак, во овие податоци недостасуваат забележани дејствија кои не се формално поднесени до надлежен орган, односно поминале како едукација или предупредување, покажува истражувањето на здружението „Натура МК“.

На пример, како што соопштија од здружението, во полициската евиденција за изминативе десет години се регистрирани само седум кривични пријави за нелегални дејства кои ѝ штетат на природата и се однесуваат за НП Маврово и НП Галичица, а нема ниту еден за СП Вевчански извори, односно Општина Вевчани.

Од тие седум пријави, шест се во пониските делови на заштитените подрачја. Само еден случај на заловена мечка во стапица, во 2016 година на територија на НП Галичица се случувало во високопланинскиот предел на заштитеното подрачје.

Според официјалните податоци, најчесто забележани се бесправна сеча, незаконите лов и бесправно собирање на диви видови во високо-планинските предели.

– Значајна информација се извлече дека граѓаните не можат лесно да препознаат дали одредена активност е незаконита, бидејќи не е видливо дали некој тоа го спроведува со или без дозвола, односно дека правилата во заштитеното подрачје не се познати. И покрај тоа, од интервјуираните лица забележани се нелегален лов, бесправна сеча, оставање отпад, бесправно собирање диви видови, движење надвор од одредена патека, палење оган, водење куче (само за НП „Галичица“). А, можеби како најјасно познатo нелегално дејство е нелегалното преминување на државната граница, поради што со најголема сигурност е забележано бесправно собирање на диви видови од лица од соседна земја, се наведува во извештајот.

Според извештајот, повеќето нелегални активности се случуваат во Зоните на строга заштита, поради што се истакнува и важноста на нивно спречување.

Соработка помеѓу локалното население и субјектите задолжени за управување со заштитените подрачја постои. Сепак, како што се наведува, главен недостаток на пријавувањата кои ги прават посетителите и локалното население до субјектите задолжени за управување со заштитеното подрачје, е тоа што тие не се официјално евидентирани од страна на субјектот задолжен за управување со заштитеното подрачје. Поради овој недостаток, тешко е да се направи анализа за незаконити дејства базирана на податоци, бидејќи податоците или не постојат или се оскудни.

Од интервјуата направени со локалното население кое живее во и околу заштитените подрачја предмет на овој извештај, добар дел пријавуваат незаконити дејства.

– Притоа, тие тоа го вршат на неформален, односно полу-формален начин, преку јавување на телефон на пријател кој работи во субјектот задолжен за управување со заштитеното подрачје. Од страна на субјектите кои се задолжени за управување со заштитеното подрачје забележани се реакции, а понекогаш и повратна информација за увидот кој е направен и дејствата превземени за справување со сторителите. Но, има и случаи кога ништо не е направено по дадената информација за незаконито дејство, понекогаш дури и кога станува збор за дејство која го загрозило животот на посетители на заштитеното подрачје. Локалното население смета дека непревземањето на корективни дејства од страна на одговорните лица од субјектот задолжен за управување со заштитеното подрачје е за да не се замерат со сограѓаните кои се сторители на незаконитите дела, забележуваат од „Натура МК“.

Оттаму посочуваат дека постои и доза на недоверба кон институциите, поради што граѓани неретко одбираат да пријават незаконито дејство во локално здружение на граѓани кои е активно во заштитата на природата, или воопшто да не пријават. Тоа остава простор и потреба за подобрување и зголемување на капацитетот и ефективноста за справување со незаконити дејства кои ѝ штетат на природата на субјектите кои управуваат со заштитените подрачја.

– Намалување на илегалните дејства во заштитените подрачја е важно за зачувување на биодиверзитетот и пределските вредности. Ситуацијата со нелегалните дејства кои и штетат на природата во високопланинските предели на заштитените подрачја е загрижувачка. Најголем број од строго заштитените зони се наоѓаат токму во високопланинските предели на заштитените подрачја и токму таму се случуваат нелегалните активности. Оттаму важноста на адресирањето на ова прашање е од исклучителна важност бидејќи е поврзано со улогата и функцијата на тоа заштитено подрачје, истакнуваат од „Натура МК“.

Извештајот е подготвен како дел од грантовата шема од програмата „Заштитени подрачја за природата и луѓето II 2019-2022 година” спроведуван од Светскиот фонд за природа – WWF Adria, а поддржан од Шведската меѓународна агенција за развој и соработка – SIDA. (Крај)

извор: Слободен печат фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука