октомври 31, 2021

Охрид, 31. октомври 2021 (ОХРИДПРЕС) – Во тек е гласањето на вториот круг од локалните избори 2021 година. Според првичните информации од Државната изборна комисија, до 15:00 часот во Охрид, од обработени податоци од 89 избирачки места, на гласање излегле 21.500 граѓани, односно 41,01% од запишаните 52.477 избирачи.

Во соседна Струга до 15:00 часот излегле на гласање 17.315 граѓани, односно 28,20%, а во Дебрца гласале 1.855 лица, односно 42,66% од избирачите.

Според првичните информации од ДИК, изборниот процес од вториот круг на локалните избори за избор на градоначалник на општините Охрид и Дебрца се одвива непречено и во демократска атмосфера, на сите гласачки места.

Кандидати за градоначалник на Општина Охрид се д-р Кирил Пецаков од коалицијата „Обнова на Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ и д-р Константин Георгиески од коалицијата „Најдоброто за мојата општина“ предводена од СДСМ.

Пецаков и Георгиески од СДСМ и во кампањата за вториот круг ги продолжија активностите, презентирајќи ја секојдневно својата програма пред граѓаните. Кампањата од двете страни беше со видни намален интензитет и главно се пренесе на директни контакти и средби со целни групи и убедувања на граѓаните. Се одржаа само неколку прес конференции на кандидатите, а видливо беше и избегнувањето да се учествува во дуелите на националните телевизии. Пораките претежно се испраќаа преку интервјуа и партиски соопштенија.

Пецаков влезе во вториот круг со предност од близу 2.000 гласови и во пораките ги апострофираше поголемите планови за развој на градот и околината и повикува на масовна излезност на изборите. Георгиески во најголемиот дел од пораките посочуваше на реализираните проекти и најавува континуитет со повеќе важни инвестиции. Двајцата имаат помош од Централите на партиите и лидерите Мицкоски и Заев, кои деновиве беа во Охрид да им дадат поддршка на своите кандидати.

На осмите локални избори во Охрид право на глас имаат 52.477 граѓани. Ќе се гласа на 88 избирачки места. За овој изборен циклус имаше измени на две избирачки места. Запишаните избирачи на гласачкото место 1255 1255/1 што беше сместено во просториите на Територијалната противпожарна единица, гласаат во просториите на ОУ „Братство Единство“, односно на гласачко место 1256. Промена има на гласачкото место 1271, бидејќи бројката на запишани избирачи надминува 1.200. Во насока на почитување на Covid-19 протоколите, гласачите од цела улица „Лазо Трпоски“ своето право на глас го остваруваат на избирачкото место 1274, сместено во музичкото училиште „Методи Патче“. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука