Охрид, 2. ноември 2021 (ОХРИДПРЕС) – Заклучно со 31-ви октомври, во Охрид со две дози вакцина против COVID-19 се имунизирани 60,6% од населението над 12 години.
Според последните податоци од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) градов и натаму е меѓу „шампионите“ во однос на опфат на населението со вакцинација и е веднаш зад Неготино и Кавадарци.
На државно ниво опфатот со две дози на вакцина против COVID-19 кај населението над 18 годишна возраст изнесува 46,4% односно 43,2% кај население над 12 годишна возраст. Опфатот со две дози кај вкупното население изнесува 37,6%. Најголем дел се вакцинирани лица со две дози од возрасната група 25-49 години.
И понатаму е забележлив голем интерес за примање на трета доза вакцина. Во минатиот неделен извештај на државно ниво беа регистрирани 10.444 лица, додека од 25-ти до 31-ви октомври „бустер“ доза примиле 30.851 лица.
И во Охрид, иако на почетокот интересот не беше на завидно ниво, сега се бележи значителна заинтересираност.
Националниот комитет за имунизација препорача граѓаните што примиле прва и втора доза од вакцините на кинеските производители „Синофарм“ или „Синовак“ ќе може да примат трета „бустер“ доза после три месеци по прием на втората доза. Оние пак кои се имунизирани со друг тип вакцина, „Фајзер“, „Астра Зенека“ или „Спутник В“, трета доза вакцина може да прими после поминати шест месеци од ревакцинацијата. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива