Струга, 3. ноември 2021 (ОХРИДПРЕС) – Меѓународната уметница Лида Шерафатман која живее во Струга, заедно со струшкиот уметник Милко Нестороски промовираат нова награда за животна средина.
Спојувајќи ги културата и екологијата, тие нудат изработка на професионален портрет како награда за чистење догорчиња од цигари низ градот.
Велат ова го правата бидејќи догорчињата фрлени на плажите водат до загадување на водата и нејзиниот квалитет а влијаат и врз водниот свет. Тие исто така предизвикуваат загадување на воздухот и влијаат врз синџирот на исхрана, а претставуваат и опасност за животната средина и може да предизвикаат шумски пожари. Како резултат на тоа, страдаат и флората и фауната.
Наградата ќе се доделува секој месец, во наредните 12 месеци, почнувајќи од овој месец.
– Секој месец ќе бидат избрани по двајца победници, според бројот на догорчиња кои ги собрале. Тие ќе имаат шанса да добијат бесплатен монохроматски портрет од која било личност по нивен избор, изработен од Лида Шерафатман или Милко Нестороски. За да може да учествувате треба да собирате догорчиња од цигари од јавните површини во пластично шише од а потоа да ги однесете во ателјето на Флоресенцизмот (вториот кат на градскиот пазар во Струга), пред 26-ти секој месец. На првите двајца кои собрале најмногу догорчиња ќе им биде доделена бесплатна изработка на портрет. Пред да дојдете во ателјето известете ги уметниците со јавување на телефонскиот број 078/249 250 или со испраќање на електронска пошта на: [email protected], велат организаторите.
Инаку, уметницата од Малта, Лида Шерафатман, веќе три години престојува во Струга. Минатата година на нејзина иницијатива се доделуваше парична награда од 100 евра за да се мотивираат стружани доброволно да се погрижат за чистење на градот. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива