Охрид, 8. ноември 2021 (ОХРИДПРЕС) – Новоизбраниот градоначалник д-р Кирил Пецаков, денеска ја презеде челната позиција во општина Охрид.
Тој доаѓа на местото на Константин Георгиески, кој ја предводеше општината во изминатите две и пол години.
Пецаков во првата изјава по стапување на должноста, гарантира дека од првиот ден ќе работи посветено за она што треба да претставува решавање на секој проблем, за потребите на охриѓани и Охрид како град.
– Ќе работиме посветено, чесно, одговорно за кога ќе заврши мандатот да имаме чист образ и да побараме уште еден мандат од охриѓани. Приоритет ќе биде решавање на сите горливи проблеми за што во текот на кампањата говоревме, но и сé она што граѓаните односно месните заедниции ќе ги истакнат како работа што треба да се реши. Следи периот во кој ќе воведеме темпо на работа. Охрид мора да „фати“ нов тек и да докажеме дека заслужува вистински да биде на пиедесталот, потенцира Пецаков.
Додаде дека ќе се работи на сите препораки поврзани со УНЕСКО и сите реални потреби на граѓаните.
– Во периодот што следи има проекти што ги ветивме во програмата, дел од проектите имаат отпочната документација и се на пат да бидат реализирани. Тука ќе има инфраструктурни проекти, реконструкција на плоштади, а при крај е постапката со катната гаража, така што првата година од мандатот би ја одбележале овие 2-3 проекти, рече Пецаков.
Досегашниот прв човек на Охрид, д-р Константин Георгиески уште еднаш му го честита изборот на Пецаков за нов градоначалник до желби за успешна и посветена работа и изрази благодарност до медиумите за соработката во изминатите две и пол години.
– Разговаравме околу состојбата во општината, проектите што дел се започнати, дел се на праг да бидат отпочнати со реализација, разговаравме и за раздолжувањето на општината. Му посакав успех во реализиација на тие проекти и секогаш ќе сум тука доколку има потреба од тековни информации во однос на проектите што се започнати да ги реализираат и Охрид да добие уште повеќе инфраструктурни проети, потенцира Георгиески.
Денеска им беа врачени и мандатите на новите 23 членови во градскиот Совет.
ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Обнова на Македонија“ имаат освоено 10 советнички места, СДСМ и коалицијата „Најдоброто за мојата општина“ освоија 8 места, ДУИ има две и по еден советник обезбедија Левица, група избирачи Димитар Велјаноски и група избирачи Антонио Наумоски.
Неделава се очекува да се одржи конститутивната седница, на која ќе биде избран и идниот претседавач со Советот. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес