Охрид, 10. ноември 2021 (ОХРИДПРЕС) – Охридското здружение ЕКО ФАП продолжува со активности во насока на поубав и почист Охрид. Во сабота ќе спроведат акција за бесплатно подигање кабаст отпад.
– Почитувани сограѓани, драги охриѓани, ЕКО ФАП Охрид Ве известува дека во сабота, на 13-ти ноември 2021 година ќе излезе во пресрет на вашите потреби за подигнување на кабаст отпад од вашите домови без никаков надомест. Оваа акција се организира за прв пат и овој пат важи само за реонот опфатен со улиците: „Сирма Војвода“, „8-ми септември“, „Лазо Трпоски“ и „Питу Гули“. Своите потреби за подигање на кабаст отпад можете да ги соопштите во Здружението ЕКО ФАП на телефон 071/322-898 (лице за контакт Стефан), најдоцна до петок, 12-ти ноември 2021 година, до 20:00 часот. Најавата е потребна со оглед на ограничениот товарен простор во возилата на ЕКО ФАП. Ваше е само да се најавите и да обезбедите работна сила за товарење на отпадот. ЕКО ФАП е наше охридско здружение и пријател на Охрид. Не дозволувајте околината да биде нагрдена со вашиот отпад на тротоарите покрај контејнер. Сакајте го Охрид. Учествувајте во оваа иницијатива во зачеток. Вака почнале сите големи идеи. Заедно да пробаме, информираат од ЕКО ФАП. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ЕКО ФАП