Охрид, 15. ноември 2021 (ОХРИДПРЕС) – Од Билјанините извори и понатаму не тече вода, а Охридското Езеро, на кое по кејот „му се бројат коските“ е на кота од само два сантиметри над дозволениот минимум.
Според денешните мерења на Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) нивото е на кота од 693,12 м.н.в што е за 14 сантиметри пониско од просекот за ноември (693,26 м.н.в). Температурата на езерската вода е 13 степени, што е за 0,2 степени „потопла“ од ноемврискиот просек.
Билјанините извори, една од најпрепознатливите локации во градот под Самуиловата тврдина, речиси втор месец се без вода, а состојбата со нискиот водостој е проблем подолг период. Охриѓани се со став дека ова се должи на неконтолираниот испуст за производство на струја на реката Црн Дрим, од со став дека одговорно управуваат со испустот, а екологистите предупредуваат за еколошка катастрофа.
Ваков случај имавме и минатиот ноември, кога водостојот беше на 693,10 м.н.в, а речиси пола декември беше на еден сантиметар под минимално дозволеното ниво.
Во Охрид денес променливо облачно време. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец.
Mаксималната температура во Охрид ќе се искачи до 14. степени.
– Во следните денови во утринските часови по одделни котлини ќе има услови за појава на магла, а преку денот ќе преовладува сончево време со променлива облачност. Појава на слаб локален дожд се очекува во четврток, информираат од УХМР. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес/УХМР