Охрид, 16. ноември 2021 (ОХРИДПРЕС) – Заклучно со 13-ти ноември, во Охрид со две дози вакцина против COVID-19 се имунизирани 59,6% од населението над 12 години.
Според најновите податоци од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) градов и натаму е при врвот во однос на опфат на населението со вакцинација и е веднаш зад Неготино и Кавадарци.
На државно ниво опфатот со две дози на вакцина против COVID-19 кај населението над 18 годишна возраст изнесува 47,4% односно 43,7% кај население над 12 годишна возраст. Опфатот со две дози кај вкупното население изнесува 38,1%. Најголем дел се вакцинирани лица со две дози од возрасната група 25-49 години.
Што се однесува до примање трета доза вакцина, интересот и натаму е голем. Во минатиот неделен извештај, од 1-ви до 7-ми ноември „бустер“ доза примиле 43.376 лица, додека од 8-ми до 13-ти ноември со трета доза се вакцинирани 54.168 лица. И во Охрид, иако на почетокот интересот не беше на завидно ниво, сега се бележи поголема заинтересираност.
Препораката на Националниот комитет за имунизација еграѓаните што примиле прва и втора доза од вакцините на кинеските производители „Синофарм“ или „Синовак“ ќе може да примат трета „бустер“ доза после три месеци по прием на втората доза. Оние пак кои се имунизирани со друг тип вакцина, „Фајзер“, „Астра Зенека“ или „Спутник В“, трета доза вакцина може да прими после поминати шест месеци од ревакцинацијата. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива