Охрид/Скопје, 20. ноември 2021 (ОХРИДПРЕС) – Здружението за екологија и туризам „Екотуризам 2016“ од Охрид на Факултетот за земјоделски науки и храна, Скопје му предаде збирка од семиња од стари автохтони сорти земјоделски култури и од значајни растителни видови со потекло од регионот на Белчишко Блато.
Проектниот тим, составен од Ѓоко Зороски и Гоце Колевски склучи договор за чување добиените примероци семе во соодветни услови за долгорочна конзервација. Збирката е предадена на проф. д-р Соња Ивановска, а ја сочинуваат 58 примероци од локални сорти: грав, пиперка, домат, граор, босилок, тиква, пченка, пченица, морков, лук, пепун, праз и ретки диви видови: Бертолониева жалфија, флорентинско јаболко, киселец, острика, класатка и др. Семињата беа собирани во текот на 2020 и 2021 година во соработка со експертот за ботаника проф. д-р Сузана Јордановска, од семејства во Ново Село, Белчишта и од природата.
Семето и податоците за семето што се дадени на чување во факултетот ќе бидат достапни за користење од домашни и странски институции за научни цели и може да се дадат на чување во друга меѓународна ген-банка.
Активноста е во рамките на проектот „Зачувување на Белчишко Блато со ангажирање на општина Дебрца и локалните чинители“, кој започна на 1 јуни 2020 и ќе трае до 31 мај 2022 година. Целта на проектот е изработка на студија за валоризација на природните и социо-економските вредности на блатото за прогласување на блатото за заштитено подрачје, теренски истражувања и јакнење на свеста на локалното население за придобивките и значењето на блатото. Проектот е финансиран од Критичниот еколошки партнерски фонд (Critical Ecosystem Partnership Fund – CEPF) – кои го препознаа блатото како вреден и најзачуван блатен екосистем на територијата на нашата држава, информираат од „Екотуризам 2016“. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива