ноември 22, 2021

Охрид, 22. ноември 2021 (ОХРИДПРЕС) – Инспекторите од охридското одделение на Државниот пазарен инспекторат не констатирале непочитување на ковид протоколите во угостителските објекти и не затекнале лица без или со лажен сертификат.

Изминатата недела, од 15-ти ноември, кога стапија на сила новите мерки, според кои се бара сертификат за имунизација со две дози вакцина против COVID-19, заклучно со викендов инспекторите спроведоа 250 контроли.

– Имаше во цела недела, од стапувањето на дополнителните од 15-ти ноември, 250 контроли визуелни без и со записник, на терен излеговме заедно со МВР, при што инспекторите немаат констатирано неправилности во поглед на почитување на протоколите или поседување вакцинални сертификати. Во саботата само кај еден субјект, кабаре, е констатирано дека лиценцата му е завршена, издадена му е опомена во рок од 15 дена да ја отстрани констатираната неправилност. Постапуваме заедно со МВР бидејќи идентификацијата ја прават нивни служби и во тој дел немаат констатирано неправилности. Ние немаме инструменти за откривање лажни сертификати, вели за Супер радио и OhridPress раководителот на одделението за Пазарен инспекторат во Охрид, Цветко Ристески.

Од друга страна пак граѓаните сé погласно коментираат дека во поголем дел од случаите, со чест на исклучоците, сертификати за влез во угостителски објекти не се бараат и апелираат на позачестени контроли.


Директорката пак на Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) Анета Симеска Димоска, вели дека се постојано присутни на терен, а од август наваму направени се 1.280 инспекциски надзори, затворени биле 20 угостителски објекти каде се констатирани неправилности, дали гостите не поседувале сертификати или во објектот имало повеќе лица од дозволеното без држење соодветна дистанца. Додаде дека инспекторите немаат надлежност да ја проверуваат валидноста на вакциналниот сертификат на гостите.

– Ние немаме надлежност да ги контролираме лицата кои влегуваат во угостителските објекти околу тоа дали поседуваат или не сертификат и дали истиот е валиден надлежноста ја имаат редарите во угостителските објекти или вработен. Апелирам до сите угостителски објекти и до сите оние кои ја имаат надлежноста, да ја користат апликацијата дадена од министерството за здравство за валидација, односно потврда на сертификатот бидејќи при наше постапување или контрола во објектот ако лицата немаат сертификат одговорноста е на угостителот, а по однос на тоа дали е лажен постапката ја води МВР, вели Симеска Димоска.

Во текот на годинава ДПИ по однос на непочитување на ковид протоколите има изречено глоба, односнопрекршочни платни налози кон правни лица во износ од 6.000.000 денари, а над 1,5 милион денари кон одговорните лица во правните лица. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука