Охрид, 22. ноември 2021 (ОХРИДПРЕС) – ОО на СДСМ и ОК на ВМРО-ДПМНЕ денеска излегоа со сериозни обвинувања за тоа чии се проектите кои започнаа да се работат во Охрид.
– Започна реконструкцјата на улицата „Македонски Просветители“, проект кој беше најавен уште во 2020 година, а договорот за негова реализација официјално беше потпишан на 3-ти септември од градоначалникот Константин Георгиески и министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски. Радува фактот што актуелниот градоначалник Кирил Пецаков ги продолжува проектите на минатата Локална самоуправа предводена од СДСМ, но доблесно ќе беше тоа и да го спомене на вчерашната прес конференција на која заедно со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски за кој патем се поставува прашањето во кое својство беше таму, се пофалија дека инфраструктурно ќе се уреди оваа сообраќајница. До кога ВМРО-ДПМНЕ ќе си ги препишува туѓите заслуги како свои? – прашуваат од ОО на СДСМ од Охрид.
Од ОК на ВМРО-ДПМНЕ реагираат дека е очигледна нервозата која владее кај СДСМ по катастрофалниот пораз и затоа што гледаат како се реализираат проекти.
– ВМРО-ДПМНЕ докажува како треба да се работи и како се решаваат проблемите на граѓаните. СДСМ имаше 4 години време да ги реализира ветените проекти и да ги решава проблемите, но за жал ништо не направија што ветија. Нема никакво оправдување за деструктивното однесување на СДСМ во однос на проектите. Затоа очекувавме благодарност за изминатите проекти коишто им беа оставени во целосна реализација, а за истите сечеа ленти: Затворениот градски пазар, Автобуската станица, многуте пешачки патеки, плоштадот кај Табана, но и крилото од Библиотеката и новиот дел во болницата Костозглобна кои за жал сѐ уште не се отворени и уште многу, многу други проекти. Новата локална самоуправа има да ги докомплетира сите потребни документи за реализација на проектите од претходната локална власт коишто не ги реализира, а имаше време цел мандат. Промените со градоначалникот Кирил Пецаков започнаа, тие се чувствуваат и се видливи за охриѓани. Како одговорна Локална Власт имаме обврска да го реализираме тоа коешто сме го ветиле пред граѓаните со цел градење нова и светла иднина, потенцираат од ОК на ВМРО-ДПМНЕ од Охрид. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива