Охрид, 23. ноември 2021 (ОХРИДПРЕС) – Првите луѓе на општините Охрид, Струга и Дебрца изразија сочувство до семејствата на загинатите во автобуската несреќа што утринава се случи во Бугарија.
– Тага, болка, солзи, непребол… Ова е голема трагедија, црн ден за Македонија. Сочувство до семејствата на загинатите, напиша градоначалникот на Охрид д-р Кирил Пецаков на неговиот профил на Facebook.
– Многу тажно утро, многу болка! Во овие тешки мигови, изразувам најдлабоко сочувство до семејствата и блиските на сите лица и наши сограѓани кои ги изгубија своите животи и беа повредени во стравичната сообраќајна несреќа која се случи на територијата на соседна Бугарија! Посакувам мирен покој на душите на починатите и побрзо закрепнување на повредените, порача Рамиз Мерко.
– Голема трагедија, црн ден за Македонија. Во мое лично име и во име на граѓаните на општина Дебрца изразувам длабоко сочуство до семејствата на загинатите, напиша градоначалникот на Дебрца, Зоран Ногачески.
Автобусот на „Беса транс“ со македонски регистерски таблички се запалил утринава околу 03:00 часот на автопатот „Струма“ во Бугарија. Се превезувале 52 патници кои се враќале во земјава од Истамбул. Загинати се 45 патници, а 7 се хоспитализирани во болницата Пирогов во Софија и се во стабилна состојба. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива