Охрид, 30. ноември 2021 (ОХРИДПРЕС) – Охрид е на второ место на државно ниво во однос на опфатот на населанието со вакцинација против COVID-19.
На прво место е Неготино, а зад нас е Кавадарци.
Според последните податоци на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) заклучно со 27-ми ноември со две дози вакцина се имунизирани 60,4% од лицата над 12 години, односно 65% охриѓани над 18 години.
Во однос на опфатот на вкупната популација вакцинирани со две дози се 53,1%.
На подрачјето што го покрива Центарот за јавно здравје Охрид (Охрид, Струга и Дебар) вакцинирани се 40,9% од вкупната популација. Во Струга вкупниот опфат со вакцинација е 36,4%, а во Дебар 28,3% што е и меѓу најниските на државно ниво.
И понатаму, од недела во недела расте интересот за примање трета доза вакцина. Заклучно со 27-ми ноември „бустер“ доза имаат примено 71.373 лица.
Опфатот со две дози на вакцина против COVID-19 кај населението над 18 годишна возраст изнесува 48,0%, односно 44,4% кај население над 12 годишна возраст. Опфатот со две дози кај вкупното население изнесува 38,7%.
Опфатот кај работноспособното население (18-64 години) со една доза на вакцина изнесува 45,6% додека со две дози вакцинирани се 43,3%.
Најголем дел од лицата вакцинирани со две дози припаѓаат на возрасната група од 25-49 години. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес