Избор Охрид Партии ТОП ВЕСТИ

Левица Охрид бара одговорност и кривични пријави за директорите на ОУ „Григор Прличев“, „Христо Узунов“ и „Климент Охридски“ и поранешниот градоначалник

Охрид, 23. декември 2021 (ОХРИДПРЕС) – Општинскиот огранок на партијата Левица од Охрид бара одговорност и кривични пријави за директорите на ОУ „Григор Прличев“, „Христо Узунов“ и „Климент Охридски“, за кои Секретарот на општина Охрид, Александар Китески вчера информираше дека не сакаат да ги напуштат раководните позиции, иако имаат сериозни претставки во своето работење.

– Како советник на Левица во Советот на општина Охрид се согласувам со транспарентното известување од страна на градоначалникот на охридската јавност во врска со долговите во кои претходната локална власт ја остави општината, но не слушнав ништо во врска со она што сите ние како охриѓани, сакавме да го слушнеме: Дали ќе има одговорност за сите оние кои работеле незаконски? Левица Охрид бара кривична одговорност од сите директори на ЈП кои со своето незаконско работење ги оштетиле јавните претпријатија и од претседателите и членовите на Управните одбори, бидејќи Управните одбори не се само декор во ЈП.
Бараме одговорност и кривични пријави за директорите на ОУ „Григор Прличев“, „Христо Узунов“ и „Климент Охридски“. Левица Охрид бара кривични пријави и одговорност за поранешниот градоначалник и неговите соработници кои се инволвирани во ваквото незаконско работење и криминал со што Општина Охрид е оставена во долгови од 22 милиони евра. Левица Охрид бара ревизија на работењето на сите градоначалници во Охрид од осамостојувањето до денес. Криминалот мора да се обелодени со име и презиме. Одговорност мора да има. Не смееме повеќе да дозволиме постојано да се амнестирате од одговорноста едни со други, како што до сега беше пракса во Охрид. Општината со децении тоне во долгови, но ниту еден директор на ЈП и ниту еден градоначалник до сега не одговарал кривично поради тоа. Секако цената за нивното незаконско работење ја плаќаат работниците и граѓаните на Охрид. Ваквата пракса мора да престане. Охриѓани заслужуваат чесни луѓе на власт, порача Виолета Аврамоска, советник во Градскиот совет од редовите на Левица.

За случајот се огласија и од Активот на Директори на Основните и Средни училишта од Општина Охрид, од каде порачаа дека обвиненијата на Китески, кои се искажани во поглед на работењето на Директорите на училиштата се паушални и во целост неиздржани. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука