Економија Избор Македонија ТОП ВЕСТИ Туризам

Нови можности за туристичка промоција на Република Македонија на „Дубаи Експо 2020“

Скопје, 10. декември 2022 (ОХРИДПРЕС) – На светската саемска манифестација „Дубаи Експо 2020“ која започна на први октомври 2021 и ќе трае до 31-ви март 2022 година, во тек е неделата посветена на туризмот каде повеќе од 190 земји ги презентираат своите туристички потенцијали и можности за инвестиции во овој сектор.

Конкурентноста на македонскиот туристички производ на светскиот пазар е се’ поголема, воочувајќи го истото на вчерашната презентација на „Дубаи Експо 2020“. На презентацијата организирана од Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот присуствуваа повеќе од 25 туроператори, медиуми и инфлуенсери од повеќе земји од Европа и Азија. Главен акцент се стави на природата, гастрономијата и културното наследство кои побудија голем интерес кај присутните, како и можноста за вклучување на нашата дестинација во идните планови за балканските кружни патувања на повеќе туроператори. Многубројните посетители имаат уникатна можност на 400 метри квадратни простор, односно павилјон отворен со поддршка на домаќинот Обединетите Арапски Емирати, директно да се запознаат со културните посебности и вековната традиција на нашата држава, како и со природните богатства и туристичкиот потенцијал, со богатата историја и етничката разновидност на нашата земја.

– Во 2020 година со отпочнување на пандемијата туристичкиот сектор застана, во 2021 година се направија првите чекори за негово заздравување и тоа дава надеж дека 2022 година ќе се прилагодиме на новата реалност и продолжиме да ја менаџираме пандемијата, да градиме туристички сектор базиран на зелениот концепт и одржливост на дестинациите. Република Македонија е можеби последната неоткриена туристичка дестинација во Европа која ги соддржи сите можности за брзо закрепнување во туризмот, а вие треба да ја откриете и овозможите да стане достапна на туристите и слободните патувачи, истакна директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, д-р Љупчо Јаневски.

Придобивките од учеството на земјава на светската манифестација „Дубаи Експо 2020“ под мотото „Нови можности“ и под слоганот „Дом на секој чекор“ овозможува подигнување на видливоста на земјава во регионот на Блискиот Исток, како и во светски рамки. Се отвораат нови можности за зголемување на бројот на странски туристи, креирање мрежа на бизнис контакти и можности за зголемување на економската соработка со голем број земји од различни региони во светот. (Крај)

извор: ОхридПрес/АППТ фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука