Охрид, 10. јануари 2022 (ОХРИДПРЕС) – Меѓу охриѓани и понатаму има голем интерес за примање на трета доза вакцина против Covid-19, додека пак за првата интерес речиси и да нема.
На дневна основа има од 80-90 лица од сите возрасти, кои сакаат да примат „бустер“ доза, изјави за Супер радио и OhridPress директорката на Здравствен дом Охрид, д-р Ајсел Зејноска.
– Поголем интерес има за прием на трета доза, а драстично е намален за прва доза. Дневно „бустер“ доза примаат 80-90, некогаш бројката стигнува и до 100, за прва доза 10-15 лица, а некои денови и помалку. Вакцини имаме доволно, кон крајот на минатата година набавивме дополнителни дози „Фајзер“, вели д-р Зејноска.
Од почетокот на масовната вакцинација Охрид е при врвот на државно ниво според опфатот на вакцинирано население. Според последните податоци од Институтот за јавно здравје, со две дози се имунизирани 54,7% од вкупната популација (62,1% лица над 12 години, односно 66,9% од лицата над 18 години). (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес