Охрид, 11. јануари 2022 (ОХРИДПРЕС) – 54,8% од вкупното население во Охрид е имунизирано со две дози вакцина против Covid-19.
Најновите податоци на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) покажуваат дека заклучно со 5-ти јануари со две дози вакцина се имунизирани 62,2% од лицата над 12 години, односно 67% охриѓани над 18 години.
Моментално во Охрид има 392 активни случаи на Covid-19. На инфективното одделение во Општата болница за среќа нема многу приеми на ковид пациенти на кои им е потребно болничко лекување, но зголемен е бројот на амбулантски случаи, дневно има и до 100-на прегледи на инфективното и интерното одделение.
На подрачјето што го покрива Центарот за јавно здравје Охрид (Охрид, Струга и Дебар) вакцинирани се 42,4% од вкупната популација. Во Струга вкупниот опфат со вакцинација е 37,8%, а во Дебар 29,5%.
На државно ниво заклучно со 5-ти овој месец „бустер“ доза имаат примено 108.309 лица.
Меѓу охриѓани и понатаму има голем интерес за примање на трета доза вакцина против Covid-19, додека пак за првата интерес речиси и да нема.
– Поголем интерес има за прием на трета доза, а драстично е намален за прва доза. Дневно „бустер“ доза примаат 80-90, некогаш бројката стигнува и до 100, за прва доза 10-15 лица, а некои денови и помалку. Вакцини имаме доволно, кон крајот на минатата година набавивме дополнителни дози „Фајзер“, изјави за Супер радио и OhridPress директорката на Здравствен дом Охрид, д-р Ајсел Зејноска.
На државно ниво, опфатот со две дози на вакцина против Covid-19 кај населението над 18 годишна возраст изнесува 50,1%, односно 46,3% кај население над 12 годишна возраст. Опфатот со две дози кај вкупното население изнесува 40,3%. Најголем дел од лицата вакцинирани со две дози се на возраст од 25-49 години. Најголем број на вакцинирани лица (со прва или втора доза) е регистриран во 33-та недела од 2021 година. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес