Охрид, 12. февруари 2022 (ОХРИДПРЕС) – 100 дена нова Локална власт предводена од градоначалникот Кирил Пецаков и ВМРО ДПМНЕ, но воедно и 101 лага и 101 празно ветување дадени на охриѓани, порача на денешната прес конференција претседателот на ОО на СДСМ од Охрид Науме Јованоски.
– Граѓаните се во неверување дека поминаа повеќе од три месеци од мандатот на новиот градоначалник бидејќи на терен нема ниту траг од ветените проекти. Прашуваат каде се промените и просперитетот на градот, каде се активностите за Спорт за сите? Кога ќе започне спортскиот развој и изградбата на новите мултифункционални спортски игралишта во Велгошти, во Видобишта и уште на неколку локации? Што е направено досега за поттикнување на здравствениот туризам како дел од туристичката понуда на Охрид?
Што направи новата Локална власт за квалитетно и модерно образование? За зачувување на македонскиот јазик и промоција на културно-историското наследство? За квалитетни мерки, за инвестиции и напреден технолошки развој? За буџет креиран од страна на граѓаните согласно нивните конкретни потреби? Градоначалникот Кирил Пецаков ветуваше борба за секое ново работно место и економски раст и развој на општеството, а лицата со посебни потреби рече дека ќе се еднакви на пазарот на трудот, порача Јованоски.
Тој додаде дека реалноста е сосема поинаква и дека во овие 100 дена ништо од ова не е ниту започнато со реализација, а камо ли реализирано.
– Ветуваше поттикнување на културата на припадниците на заедниците и негување на верските обичаи. Ветуваше ефикасна администрација. Воведување на нов систем каде што ќе има буквално следење на предмети од самиот влез во архива па се до издавањето на даночното решение какво и да е. Но, граѓаните сеуште се соочуваат со административни бариери, губење време и нерви. Каде се мега проектите за Охрид кои ги ветуваше Пецаков?
– Решавањето на паркинг проблемот преку изградбата на катна гаража за која што документацијата беше во завршна фаза уште во мандатот на градоначалникот Константин Георгиески.
– Реконструкцијата на плоштади и изградба на нови улици, велосипедски патеки, зголемување на зелените површини и почитувањето на препораките на УНЕСКО за зачувување на статусот.
– Изградбата на нов парк со содржини и проширување на зелената зона на потегот од споменикот на А. Ден Долард до каналот Студенчишта.
-Асфалтирање на улици и краци во градов и приградските населби
–Доизградба на кејот на брегот на езерото
-Реконструкција на двата плоштади, порачаа од партијата.
Јованоски додаде дека ова се само дел од ветувањата, а како што гледаме празни ветувања на градоначалникот Кирил Пецаков.
– Единствениот проект кој го започна во овие 100 дена е реконструкцијата на улицата Македонски Просветители, проект кој беше целосно завршен и финансиски проектиран од минатата Локална власт предводена од СДСМ. Овие 100 дена од мандатот на Пецаков само докажаа дека новата Локална власт нема капацитет ниту да проектира, ниту пак да реализира нови проекти и просперитет за Охрид, потенцираше Јованоски на денешната прес конференција. (Крај)
извор: СДСМ фото: архива