Скопје, 15. февруари 2022 (ОХРИДПРЕС) – Во периодот од 7-ми до 13-ти февруари тестирани се вкупно 26.360 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање и антигенско тестирање за присуство на SARS-CoV-2, со намалување од 21,1% во однос на минатата недела.
Според извештајот на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) регистрирани сe 8.638 нови позитивни случаи од 35 градови во државата, со намалување од 13,4% во однос на минатата недела. Процентот на позитивност се движи просечно 32,2%. Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје, а највисока неделна инциденца е регистрирана во Кавадарци.
Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапени се возрасните групи на лица на возраст над 60 и од 40 до 49 години.
Со статус „оздравени“ се стекнале 9.900 лица во хоспитализирани услови или на домашно лекување. Во текот на минатата недела вкупно се пријавени 1.236 реинфекции (од кои 6 се втори реинфекции), со намалување за 7,8% во однос на претходната недела. Пријавени се 124 смртни случаи во 23 градови во текот на изминатата недела, за 32,6% помалку во однос на минатата недела.
Кај тројца пациенти, двајца од Скопје и еден од Струмица, е откриен сојот омикрон стелт, покажало последното секвенционирање на лабораторијата за вирусологија и молекуларна дијагностика при ИЈЗ.
Заклучно со 13-ти февруари вакцинирани се вкупно 868.818 лица со барем една доза на вакцина против Covid-19 во државата и странство. Комплетно вакцинирани (со две дози) се вкупно 847.072 лица, а со трета доза се вакцинирани 137.048 лица. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива