Охрид, 15. февруари 2022 (ОХРИДПРЕС) – Пунктот за вакцинација против Covid-19 префрлен во Маларична.
Од вчера граѓаните кои сакаат да се имунизираат, тоа може да го направат секој работен ден од 07:30 до 14:00 часот, секој работен ден во просториите наспроти Гимназијата, во поранешната ординација на д-р Величе Маркоски, информира за Супер радио и OhridPress директорката на Здравствениот дом, д-р Ајсел Зејноска.
– Од економски причини, но и заради намалениот број на лица кои сакаат да се вакцинираат го префрливме пунктот во Маларична, каде што минатата сезона се вршеше вакцинација против сезонски грип. Тука имаме 4-5 простории. Вакцинацијата ќе се спроведува од 07:30 до 14:00 часот секој работен ден. Во петок пак, после 12:00 часот ќе се врши вакцинирање во домашни услови, за постари, изнемоштени, инвалидизирани лица, кои не можат да дојдат на пунктот, вели д-р Зејноска.
Масовната ковид вакцинација најпрво се вршеше во спортската сала, како регионален вакцинален пункт, па се префрли во модуларната болница, а последно се вршеше во салата за психофизичка подготовка на трудници во Општата болница. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива