февруари 23, 2022

Охрид, 23. февруари 2022 (ОХРИДПРЕС) – Градоначалниците од редовите на ВМРО-ДПМНЕ имаат среќа што имаа квалитетни претходници кои беа од редовите на СДСМ, па без многу труд и залагање можат да си го тераат својот мандат. Продолжува праксата на реализација на проекти оставени од претходната локална власт, реагираат од ОО на СДСМ од Охрид.

– Градоначалникот Кирил Пецаков деновове се шета низ охридските училишта сечејќи ленти и фалејќи се со проекти започнати од градоначалникот Константин Георгиески, а финансиски поддржани од Светска банка и МОН. За потсетување, активностите кои сега се реализораат во училиштата „Христо Узунов“, „Св. Климент Охридски“ и во истурената паралелка во Лескајца се дел од проектите за енергетска ефикасност со кои преку Миностетството за финансии се аплицираше за кредит од Светска. Беше аплицирано и во Јапонската амбасада од каде се добиени еден милион евра за реконструкција на овие три училишта.
Зафатите во средното економско училиште, се прават со средства кои останаа од блок дотациите за средно образование. За училиштето „Св. Наум Охридски“ добиени се средства за реконструкција преку МОН. Проектот за реконструкција на внатрешноста и кровот на охридската гимназија беше целосно завршен во времето на градоначалникот Георгиески. Се чекаше само согласност од Завод и музеј. Сега на Пецаков му останува само да ја пресечи лентата и да се пофали со нешто што не го сработил. Да биде иронијата поголема и Законот за задолжување кај Светска банка за унапредување на основните училишта и Законот за задолжување кај Светска банка за енергетска ефикасност на општинските институции и училиштата Пецаков како пратеник и целата опозиција не ги гласаа, а сега ги жнеат нивните плодови. Лесно им е на овие градоначалници со таква претходна локална власт, а и со вака одговорна централна власт, стои во дописот до медиумите од партијата.

Според СДСМ, Министерството за образование оваа година за 2% ги зголеми блок дотациите за основно и средно образование, а изградбата и реконструкцијата на училиштата е финансирана од буџетот на МОН.

– За 2022 година се зголемени средствата за следните потпрограми:
– Изградба на училишни спортски сали во основните училишта, со вкупен износ од 399 милиони денари, што е за 8,4% повеќе од минатата година.
– Реконструкција на основните училишта, со износ од 260 милиони денари или тоа е зголемување од 197,5%.
– Енергетски ефикасна рехабилитација на студентските и ученички домови во износ од 257 милиони денари што значи зголемување од 135,8%.
– Реконструкција на средните училишта, во износ од 124 милиони денари, или тоа е зголемување за 467,5%, потенцираат од СДСМ од каде прашуваат до кога градоначалникот Пецаков ќе си ги препишува како свои туѓите заслуги и каде се неговите проекти кои им ги ветуваше на охриѓани? (Крај)

извор: ОО СДСМ Охрид фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука